Член на Бундестагот: Германија да го пушти во употреба „Северен тек 2“, а Русија да прифати евра за гас

123

Германија треба да го пушти во употреба „Северен тек 2“, а за возврат Русија повторно да го прифати еврото за да плаќање на гас, изјави Тино Крупала, член на комисијата за меѓународна политика на германскиот Бундестаг и лидер на партијата Алтернатива за Германија.

– Нашата партија смета дека Германија во секој случај треба да се залага за пуштање во употреба на „Северен тек 2“. Затоа темата за платежна валута ја гледам како независна тема од проектот. Ако аргументот за трговијата со евра помогне да се убеди германската влада да го пушти во употреба гасоводот, тогаш тоа би можело да биде добра идеја – изјави Крупала.

Тој наведе и дека е очигледно оти германскиот увозник на гас, компанијата „Унипер“, следната сметка за рускиот гас ќе треба да ја плати во рубљи.

Да потсетиме, Германија уште пред инвазијата на Украина ја прекина сертификацијата на гасоводот „Северен тек 2“. Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок претходно изјави дека проектот е всушност замрзнат.

На 23 март рускиот претседател Владимир Путин донесе одлука „непријателските земји“ во иднина да плаќаат гас во рубљи. Тој им нареди на Централната банка, „Газпром“ и владата да организираат трансфер на плаќања за гас во рубљи кон Европската унија и другите земји кои воведоа санкции кон Русија.

Путин посочи дека Русија ќе продолжи да испорачува гас во количини и цени според постоечките договори.