Човечките ресурси и промените и предизвиците што ги носи новото време

244

Деветтата конференција за човечки ресурси во организација на Македонската асоцијација за човечки ресурси, во партнерство со Вработување.ком, беше на тема Најдобрите HR решенија за соочување со предизвиците во брзорастечките индустрии. Оваа година се зборуваше за промените и предизвиците што ги носи новото време.

tina

“Растечките бизниси имаат тенденција да го менуваат начинот на работа. Различни проблеми и можности бараат креативни и иновативни решенија. Она што функционирало добро пред една година, сега можеби веќе не е најдобриот пристап. Препознавањето и надминувањето на предизвиците поврзани со растот се од суштинско значење за бизнисот да продолжи да расте и да просперира”, вели Христина Лозаноска, претседател на Македонската асоцијација на човечки ресурси.

Рок Жупанчич, директор за човечки ресурси во Телеком Словеније, зборуваше на тема Како ефективното лидерство и перформанс менаџмент системот влијаат врз задржување на талентите во компанијата. Тој зборуваше од лично искуство, како ги задржале и привлекле талентирани луѓе при промените во Телеком Словеније.

rok

“На крајот на 2015 прифативме нова бизнис стратегија и решивме да влеземе во нов бизнис со електрика. Ако решите да ја менувате стратегијата, ви требаат нови компетенции во компанијата и нова бизнис култура. При промена на бизнис културата, две работи се многу важни – ефективно лидерство и перформанс менаџмент систем. Развивањето лидери е клучна стратешка алатка за подобрување на продажбата и другите бизнис цели. Но, само добро лидерство не е доволно. Потребен е ефективен перформанс менаџмент систем. На крајот на денот, главна цел на секоја компанија треба да биде задоволни работници”, рече Жупанчич.

За Дигитален HR и неговата моќ за трансформација на успехот зборуваше Зејнеп Мине Алптекин, консултант од Турција, која има 17 годишно искуство во областа на човечки ресурси. Алптекин вели сека кога сè се менува во оваа дигитална ера, треба да се трансформираат и човечките ресурси.

zeinep

“Дали знаете што се случува во 60 секунди на Интернет? Се праќаат 452.000 твитови, 900.000 логирања на Facebook, 3,5 милиони пребарувања на Google, се праќаат 156 милиони мејлови, се трошат 751.522 долари онлајн… Човечките ресурси треба да се соочат со менувањето на бизнис потребите и развојот на работната сила и да се адаптираат на промените. Технологијата го менува начинот на кој работиме и комуницираме. Дигиталната технологија во човечките ресурси носи промени во три клучни работи: Овозможување на нови пристапи кон обезбедување на HR услуги; Воведување демократизација во менаџирањето на таленти и Овозможување на човечките ресурси да функционираат повеќе како маркетинг. Со промените во човечките ресурси, оваа област ќе биде поцентрализирана во бизнисот. Сè ќе биде поразлично од човечките ресурси какви што ги знаеме денес”, рече Алптекин.

Професорите Лесли Самози и Крис Лиасидес од Меѓународниот факултет на Универзитетот Шефилд, Сити колеџ, Грција, зборуваа како менаџментот со човечки ресурси да се искачи на врвот.

Од Италија гостин говорник беше д-р Масимилиано Санторо, културолошки антрополог и коуч, кој се осврна на темата како мозокот реагира на предизвици.

masimiliano

“Времињата се менуваат. Ние се менуваме, животот се менува, бизнисот се менува. Зошто луѓето имаат отпор кон промените? Затоа што се плашат дека веќе нема да бидат тоа што се. Се плашат од неуспех, од тоа дека ќе останат без простор во компанијата во којашто работат, се плашат од победи, повеќе се плашат од успех отколку од пораз. Дали знаете како ги донесуваме одлуките во животот, рационално или интуитивно? Дури 95% од одлуките ги донесуваме интуитивно, а за да може мозокот да прифати промена, потребни му се еден до два месеца”, вели Санторо.

Римац Аутомобили е компанија што не троши пари за маркетинг и реклами, а извршниот директор Мате Римац, кој е многу популарен во Хрватска, не дава интервјуа за хрватските медиуми. За комуникација, оваа компанија најчесто ги користи социјалните медиуми, а внимание привлекува и преку учество на различни конференции, организирање на тури во погоните, учество на саеми за кариера… Како регрутираат кадар? За Ацо Момчиловиќ, директор за човечки ресурси во оваа хрватска компанија, главен канал се социјалните медиуми.

aco

“Неодамна имавме ревизија на планот за регрутација и планираме во следните неколку месеци да примиме 70 луѓе, што е голема работа за мал оддел за човечки ресурси. Сега сме околу 200 вработени. Најмногу ќе ни требаат инженерски позиции, што тешко се наоѓаат, па можеби во иднина ќе ја таргетирам и вашата земја”, најави Момчиловиќ.

За како да се задржат вработените зборуваше сопственичката на хрватската компанија Mamforce, а наградуваниот менаџер за човечки ресурси за 2016 година во Бугарија, Миглена Узунова – Цекова од Mobiltel EAD зборуваше за нејзините програми за препознавање и нивната додадена вредност. Според неа, препознавањето е од најголема важност за ангажираност на вработените.

Ксавиер Молиние, шеф на одделот за човечки ресурси на француската компанија Photobox, се осврна на промените на очекувањата на вработените во компаниите.

xavier

“Живееме во многу конектиран свет, имаме наплив од информации. Во 19 век, приливот на информации бил еквивалентен како да се прочита еден дневен весник за целиот животен век. Денес сме преплавени со информации. Но главната работа не е да дојдеме до информации, туку да дојдеме до важните информации. Се проширија и границите. Сега работиме од секаде, за секаде. Променети се и очекувањата на вработените. Генерациите што доаѓаат (Y и Z) имаат различни вештини, вредности, амбиции и очекувања од светот. Генерацијата Boomers (1946-1964) е генерација на искуство, на градење релации, ориентирана кон пружање услуги, за нив процесот е пред резултатите, не го сака конфликтот. Генерацијата X (1965-1977) е технолошки писмена, не се плаши од авторитет, креативна и скептична. Генерацијата Y (1977-1989), позната и како Милениалс, постојано ги проверува мејловите, информациите, постојано се на Интернет. Тие го претставуваат светот. Ако сакаме компаниите да ги исполнат очекувањата на клиентите, треба да ги прифатиме нивните идеи. А некогаш имаат луди идеи. Тие се тимски ориентирани, мултитаскери со глобален ум. Тука е и генерацијата Z, која е зависник од социјални медиуми, не признава авторитет и класично менаџерско однесување, тие се љубопитни и многу добро информирани”, констатира Молиние.

Жерард О’Донован, говорник и коуч од Британија, зборуваше за комбинација од лидерство и коучинг.

odonovan

“Светот во кој живееме има потреба од лидерство и коучинг. Живееме во свет што се менува. Предвидувам дека следните седум години светот значително ќе се промени. А коучингот ги менува луѓето, им помага да се надградуваат, да растат, да креираат… Коучингот е нешто што доаѓа. Магазинот Fortune пред две години напиша дека луѓето не ги напуштаат компаниите, туку ги напуштаат менаџерите. А ќе ви кажам кого никогаш нема да го напуштат луѓето – инспиративен лидер. Да зборуваме за лидерството. Што имаат лидерите? Визија. Визија да ги видат своите тимови, компании, земји на поинаков начин, да сакаат да постигнат повеќе, да остават повеќе наследство зад себе… Што друго имаат големите лидери? Добри се во комуникација. Следно, лидерите имаат интегритет, луѓето им веруваат. Лидерите имаат отворени умови, сакаат да учат, да се менуваат, да растат. Ова се квалитети на лидерите”, рече О’Донован.

За најновите трендови во регрутирање вработени зборуваше Игор Жоња, извршен директор на интернет страната за вработување Мој Посао од Хрватска, кој воедно ја најави и идната соработка со Вработување.ком. Дарко Велков, директорот на Вработување.ком, пак, излезе со факти извадени од оваа платформа, за тоа што се случува и ќе се случува на пазарот на трудот, што е многу важно за сите сопственици на компании и за менаџерите на човечки ресурси.

darko

Според аналитиката на оваа платформа, топ пет позиции со најмногу објавени огласи на она што се барало во Македонија 2016 и на почетокот на 2017 се: продажбата на прво место, потоа возачи, курири, дистрибутери, на трето место е кадар во угостителство, комерција на четврто и работници за во магацин. По индустрии, најмногу објавени огласи има во индустријата за малопродажба, потоа угостителство, ИТ, трговија и дистрибуција и на петто место е производство. Најмногу добиени апликации по работна позиција има од областите: продажба, дистрибуција и возачи, комерцијалисти, магацин и администрација. Како дефицитарен кадар минатата година и на почетокот на оваа година, во топ пет се: текстилни работници, осигурителни агенти, кол оператори, кадар за во угостителство, технички персонал (заварувачи, лимари итн.) и ИТ кадар. Предвидувањата за 2017 се дека продажбата ќе биде многу дефицитарна позиција, ќе се бараат осигурителни агенти, кол оператори, ИТ профили, инженери, фризери, козметички работници и медицински специјалисти.

На Конференцијата беше доделена наградата HR менаџер на годината. За 2016 година наградата ја доби м-р Стефан Јовановски, директор за човечки ресурси во компанијата оне.Вип.

Филипо Абрамо, поранешен претседател на Европската асоцијација за човечки ресурси беше прогласен за почесен гостин и поддржувач на Македонската асоцијација за човечки ресурси.

Настанот беше помогнат и поддржан од поголем број на компании и организации, меѓу кои: РСМ Македонија, Меѓународниот факултет на Универзитетот Шефилд, Сити Колеџ, С&Т Македонија, Шпаркасе Банка, Триглав Осигурување, Веро, Академија за банкарство и информатичка технологија, Семос, Алкалоид AД Скопје, Економски факултет – Скопје при Универзитет Св. Кирил и Методиј, Noble Manhattan Coaching, ВВ Тиквеш, Кроација Осигурување/Живот, Лајонес Македонија, КИА Моторс и Програмата за зголемена вработливост – ИМЕ.