Легендарниот Citroen DS се смета за еден од најубавите автомобили на сите времиња, а еден примерок сега доби целосно нов живот.
Иновативниот дух и уникатноста на Citroen DS совршено се вклопува во идејата за модерен електричен погон, а благодарение на британската компанија Electrogenic сопствениците на еден ваков модел добија реосмислен рестомод за 21 век којшто се движи на струја. Овој електричен Citroen DS нуди еколошко и тивко возачко искуство без да се жртвува фантастичното чувство на оригиналот.
Електричниот рестомод е базиран на DS од 1971 година. Компанијата сместена во Оксфорд ja задржа оригиналната аеродинамична форма на возилото, а највпечатливата промена на екстериерот е отстранувањето на издувниот систем и дискретната DS EV Electronique ознака на задниот дел. Истото се однесува и на ентериерот кој го задржува оригиналниот кожен тапацир и карактеристичниот управувач со еден крак.
Она што е најголема новина, секако, е целосно новиот погон, па наместо 2,0-литарскиот четирицилиндричен бензинец, тука е Hyper9 електромоторот којшто испорачува 122 КС и 235 Nm вртежен момент. Моќноста се испраќа на предните тркала преку оригиналниот мануелен менувач. Енергијата се складира во 48,5 kWh батерија, која според Electrogenic е доволна за реален опсег на движење од 225 километри. Благодарение на 25 kW полначот, батеријата може да се наполни за два часа што е навистина одлично за класичен електричен автомобил. За оние кои сакаат поголем опсег на движење, компанијата исто така нуди и дополнителна батерија која може да го продолжи опсегот на над 320 километри.
Една од најважните карактеристики на Citroen DS е неконвенционалниот хидро-пневматски систем на потпирање, кој е познат по возачката удобност без конкуренција. И покрај тоа што нема мотор на внатрешно согорување на предниот дел, Electrogenic успеа да ја задржи неговата корисност благодарение на новата тивка електрична пумпа која ја заменува механичката единица на оригиналот.
“Целта на конверзијата е да се засилат оригиналните карактеристики на автомобилот. Во овој случај, Citroen DS идеално се вклопува во нашата замисла за електрична конверзија – тивкиот погон дополнително го нагласува спокојното возачко искуство и совршено се вклопува со карактерот на автомобилот“, изјави Стив Драмонд, директорот на Electrogenic.
Преземено од Avtoplus.mk