Citroën официјално го претстави e-Berlingo

42

Откако Peugeot неодамна ги лансираше електричните верзии на Partner и Rifter, уште еден член на поранешната PSA групација, односно новата Stellantis групација, Citroën, ја лансираше електричната верзија на моделот Berlingo. Со буквата “е“ пред своето име, со што се нагласува електричната природа на автомобилот, новиот Citroën e-Berlingo го користи истиот погон како својот „брат“ од Peugeot, a тоа значи електромотор со 136 КС и 260 Nm вртежен момент кој се напојува од 50 kWh батерија, а максималната брзина изнесува 135 километри на час.

Литиум-јонската батерија му овозможува на e-Berlingo да помине 280 километри според WLTP циклусот, што е за пет километри повеќе во однос на Peugeot e-Partner и e-Rifter. Кога станува збор за полнењето, истото трае 7,5 часа ако се приклучи на 7 kW ѕиден полнач со стандардниот 7,4 kW еднофазен приклучок (11 kW трофазниот приклучок се нуди како опција). Времето се намалува на 5 часа доколку се користи 22 kW полнач, а при полнење на 100 kW полнач од 0 до 80 проценти батеријата се полни за 30 минути.

Новиот Citroën e-Berlingo се нуди во Medium со должина од 4,4 метри и XL варијанта со 4,75 метри должина. XL варијантата се нуди со пет и седум седишта, како и опционалниот Modutop кој е дел од 26-те складишни оддели во внатрешноста. Капацитетот на багажникот изнесува 775 литри во Medium, односно 1.050 литри XL варијантата со пет седишта. Подолгата варијанта има капацитет од 2.126 литри кога задната клупа е преклопена и може да прими предмети со должина до 3,05 метри.

На централната конзола е поставен e-Toggle селекторот, кој им овозможува на возачите да бираат меѓу Drive, Neutral, Park и Reverse, како и регенеративните сопирачки функции и да изберат еден од возачките режими – Eco 60 kW, Normal 80 kW и Power 100 kW, идентично како кај e-Rifter.

Освен тоа, францускиот електричен MPV модел се карактеризира и со 8-инчен екран на допир од инфозабавниот систем со специјална Energy секција во менито, интеграција со паметен телефон, достапна 10-инчна дигитална инструмент табла, head-up екран во боја, камера за возење наназад, асистенција за удолнина и нагорнина, активна безбедносна сопирачка, предупредување за напуштање на коловозна лента, мониторирање на слепа точка, препознавање на сообраќајни знаци и друго.

Citroën ќе го лансира e-Berlingo во Европа во втората половина на 2021 година.

Преземено од Avtoplus.mk