Веројатно кога ќе се спомене реклама на Coca – Cola, прво што ви паѓа на ум е Дедо Мраз. Но, пред да почнат да го користат Дедо Мраз, Coca – Cola ја рекламирале убаво облечени млади жени кои продаваат напитоци. Првата таква реклама се појавила во 1895 година, во која е насликана младата актерка од Бостон, Хилда Кларк. Тоа е и периодот кога бизнисменот Аса Григс Кендлер ја откупил формулата од нејзиниот пронаоѓач, фармацевтот Џон Пембертон и со помош на маркетинг тактики, во текот на 20-от век ја донел до денешната доминација на светскиот пазар.
Во почетокот, кога била измислена во 1885 година во аптеката на Пембертон, била наменета да биде лек и била позната како кока – вино. Првото шишенце е продадено на 8 мај 1886 во Атланта како лек, за 5 центи. На почетокот, “колата” ја купувале во просек по девет луѓе дневно. Приходите од продажбата во првата година биле 50 долари.
Точната формула на Coca – Cola е тајна. Оригиналниот примерок на формулата се наоѓа во трезорот на банката Сан Траст, во Атланта. Производството и дистрибуцијата на Coca – Cola се одвива според лиценциран модел. Компанијата Coca – Cola го произведува само концентратот, кој понатаму го продава на разни произведувачи низ светот, кои имаат лиценци за една или повеќе географски области. Конечниот пијалок се добива со мешање на концентратот со филтрирана вода и шеќер или вештачки засладувачи.