Компаниите Coincasa и @Home им ја исполнија желбата на децата од социјално загрозени семејства кои престојуваат и учат во Интернатот Гоце Делчев во село Љубанци. Со внесување на празничната магија и украсување на нивните простории со Новогодишни и Божиќни мотиви, компаниите успеаја да го донесат позитивниот дух на претстојните празници во училиштето.
„Благодарение на Coincasa и @Home, нашите ученици оваа година ќе ја почувствуваат убавината на празниците на посебен и поразличен начин. Компаниите успеаја да го претворат дневниот престој на Интернатот во топло катче, исполнето со прекрасни празнични декорации и уште поубава Божиќна елка, а веселата атмосферата што ја внесоа во нашето училиште ја зголеми веќе позитивната еуфорија. Секаква помош за нас е добредојдена, но ваквата донација ги надмина нашите очекувања и им овозможи на децата да уживаат во претстојните празници во амбиент исполнет со многу љубов и среќа“, изјави Силвана Терзиева, директорка на Интернатот Гоце Делчев.
Вработените од Coincasa и @Home, поминаа ден со учениците и заедно го декорираа дневниот престој, ја китеа елката и им подаруваа Новогодишни и Божиќни подароци.
„Како општествено одговорни компании, среќата и желбите на децата од овој Интернат се еден нашите приоритет. Им овозможивме соба со изглед на вистински дом уреден во духот на Новогодишните празници. Се надеваме дека нашиот скромен придонес ќе им донесе многу убави моменти во годината што следи, што впрочем е и целта и убавината на празниците, да се сподели радоста со оние на кои им е најпотребна, како и да се покаже грижата кон нив“, изјави Марина Димитровска, бренд менаџер на Coincasa и @Home.
Преку оваа донација, компаниите заокружуваат уште една година посветена кон грижа и заложби за општеството во кое функционираат.
Во моментов во Интернатот се згрижени осум деца на возраст од шест до шеснаесет години. Сите тие потекнуваат од дисфункционални и социјално загрозени семејства, така што секој гест на грижа и внимание за нив предизвикува дополнителна мотивација за успешна социјална инклузија.