Да се одреди рок за забрана на возила на нафта и бензин

54

Европската комисија (ЕК) би требало да одреди рок за забрана на автомобили на бензин и дизел на ниво на Европската Унија за да може сообраќајниот сектор да ги оствари зацртаните климатски цели, објавија девет земји членки на Унијата.

Предводени од Данска и Холандија, земјите со писмо ја повикаа ЕК на амбициозните политики на ЕУ во сообраќајот што е одговорен за една четвртина од штетните гасови што се емитуваат во воздухот.

Тоа вклучува постапно запирање на продажбата на нови возила на бензин и дизел погон за да се постигне нулта емисија на штетни гасови, пренесува Ројтерс.

“Мора да ја забрзаме транзицијата на патниот сообраќај, додека пратениците испраќаат јасна порака до производителите на автомобили и потрошувачи ширум ЕУ“, рекол данскиот министер за клима, Дан Јоргенсен.

На писмото свој потпис ставија и претставници од Австрија, Белгија, Грција, Ирска, Литванија, Луксембург и Малта.

ЕК ќе ги претстави строгите стандарди за емисија на јаглерод диоксид за новите автомобили во јуни во пакетот мерки чија цел е постигнување на целите за намалување на штетните гасови за најмалку 55% до 2030 година, во однос на 1990-та година.

Климатската неутралност би требало да се постигне до 2050 година.

Фото: Pexels