Германската компанија Daimler планира да продаде 25 продажни салони ширум Европа, се со цел да собере една милијарда долари
Германскиот весник Handelsblatt пренесува дека производителот Daimler сака да се ослободи од неколку продажни салони во Велика Британија, Шпанија и Белгија кои имаат околу 2.800 вработени, а целта е да се соберат 1 милијарда евра. Весникот додава дека ова е дел од плановите на извршниот директор на компанијата Ола Калениус, а има за цел да се засилат готовинските резерви и да се намалат фиксираните трошоци.
Извор од Daimler ги потврди овие информации за Auto News Europe, истакнувајќи дека компанијата се подготвува за продажба на неколку салони на различни локации, но истакна дека оние кои ќе ги откупат салоните ќе мораат да гарантираат дека вработените ќе ги задржат своите места. Освен што оваа продажба ќе донесе големи приходи за Mercedes, истовремено ќе ги намали и фиксните трошоци на компанијата која овие салони и сервисни центри ќе ги препушти на дистрибутерите и увозниците кои ќе ги откупат. Поточно, во овие салони и понатаму ќе се продаваат автомобили на Mercedes.
“Во потенцијалните разговори со заинтересираните купувачи, ставен е висок приоритет на нивниот долгорочен економски успех и продолжување на операциите на Mercedes-Benz“, додаваат од компанијата. Во Daimler веруваат дека секој објект може да биде продаден за сума меѓу 30 и 40 милиони евра.
План за намалување на трошоците
Во октомври 2020 година Daimler ги соопшти своите планови за намалување на 20 проценти од нивните оперативни трошоци до 2025 година, а притоа да ја скрати моделската постава и да ги зголеми инвестициите во електричните возила. Компанијата претходно истакна дека ќе скрати 10.000 работни места до 2022 година.
“Ние се фокусиравме на нашата нова стратегија. Имаме намера да ги правиме најпосакуваните автомобили на светот. Станува збор за искористување на нашите силни страни како луксузен бренд за раст на економската вредност и подобрување на миксот и позиционирањето на нашето портфолио на производи“, изјави Ола Калениус во таа прилика.
Преземено од Avtoplus.mk