Дали домашните туристи ќе бидат херои оваа сезона?

49

Уште од почетокот на избивање на кризата предизвикана од коронавирусот, беше очигледно дека туризмот ќе биде силно погоден. Мерките на властите за ограничување на движење, препораки за останување дома, приземјување на голем број летови, откажување на бројни резервации… беа само дел од причините поради кои туристичките работници со причина стравуваа за својата работа.

Светската туристичка организација, поради пандемијата, ги ревидираше своите проекции за бројот на туристи низ светот, по што излезе со податок дека се очекува пад на патувањата за 20 до 30% во однос на рекордот постигнат минатата година.

Очекуваниот пад на бројот на патувања може да предизвика сериозни последици врз приходите од туризмот коишто би можеле да достигнат и до 450 милијарди долари, што е скоро една третина од 1.500 милијарди долари остварени во текот на 2019 година.

Многу земји кои во голема мера својот економски развој и приходи ги базираат на туризмот, сега се принудени да смислуваат нови начини како да ги привлечат туристите. Во исто време, мора да ги обезбедуваат сите мерки за претпазливост и дезинфекција за да бидат сигурни дека нема да се шири заразата во нивната област, што секако претставува дополнителен трошок. Тие почнуваат својата туристичка стратегија да ја насочуваат кон домашните туристи, во кои гледаат спас за сезоната.

Се поставува и прашањето дали туристичката сезона може да ја “извлечат“ домашните гости?

Турција, на пример, очекува летната сезона да се одложи после мај поради пандемијата.

“Доколку не се соочиме со други проблеми, домашните туристи ќе почнат да патуваат на крајот на мај. Туристичката сезона ќе биде отворена со контролирани домашни летови“, изјави турскиот министер за туризам, Мехмет Нури Ерсој, пренесува Хуријет.

Според него, постојано ќе се стерилизираат возилата за транспорт на патници, а персоналот ќе помине низ соодветна обука за заштита и проверка на патниците. Аеродромите, хотелите, рестораните, музеите и археолошките локалитети, како што вели тој, ќе бидат реорганизирани со цел туристите да може да уживаат во нив, но и да ја држат потребната социјална дистанца за да се спречи ширење на заразата.

“Со домашниот туризам одиме силно, ќе стартува Cro картичка… Секој гостин кој ќе упати аранжман ќе има електронска пропусница и посебен коридор“, изјави во една прилика хрватскиот министер за туризам, Гари Капели, кој додаде дека Хрватска оваа година очекува пад на приходите од туризам од 60 до 75%.

Фото: Pixabay