Глобалната трговија е подготвена да достигне највисоко ниво од скоро 33 трилиони долари во 2024 година, што е за 1 трилион долари повеќе од претходната година, се вели во извештајот на Конференцијата на Обединетите нации за трговија и развој – УНКТАД.
Овој годишен раст од 3,3 отсто главно беше поттикнат од седум отсто зголемување на трговијата со услуги, што придонесе за севкупно проширување од 500 милијарди долари. Трговијата со стоки годинава порасна за два отсто, односно забави и остана под максимумот од 2022 година.
Во третиот квартал од оваа година, развиените економии го предводеа растот на глобалната трговија, поддржан од стабилната побарувачка и подобрувањето на деловните услови.
Имено, увозот на групата од овие земји квартално се зголемил за три отсто, додека извозот е зголемен за два отсто.
Јапонија забележа најголем квартален раст на извозот на стоки од пет отсто и најголем годишен раст на извозот на услуги од 13 отсто. Соединетите Американски Држави забележаа четири отсто зголемување на увозот на стоки и на квартално и на годишно ниво, при што извозот се зголеми за два отсто годишно и еден отсто квартално. Европската унија задржа силен раст на трговијата со услуги, при што се очекува и увозот и извозот да останат позитивни во текот на годината.
Спротивно на тоа, регионите во развој се мачеа да постигнат резултати во истиот период. Увозот во овој квартал падна за еден процент. Трговијата меѓу земјите во развој, позната како трговија Југ-Југ, опадна за еден процент, што ги смени претходните трендови. Сепак, трговската размена на земјите во развој остана позитивна на годишна основа, со раст од околу три проценти.
Во извештајот на УНКТАД се наведува дека увозот на стоки во Кина е намален за еден отсто во третиот квартал, а извозот за два отсто, додека увозот на услуги е намален за еден отсто во кварталот. Сепак, извозот на услуги продолжи да расте, за девет отсто и на квартално и на годишно ниво, додека увозот на услуги е зголемен за 17 отсто во текот на годината.
Индија забележа пад од еден процент на увозот на стоки и три проценти на извозот во кварталот, но и увозот и извозот на услуги се зголемија за еден процент. На годишна основа увозот на стоки е зголемен за четири отсто, а извозот е зголемен за два отсто.
Како што понатаму се наведува во извештајот, трговската размена со Источна Азија е во застој, без раст на увозот и само еден процент раст на извозот во овој квартал. Растот во третиот квартал беше поттикнат од ИКТ и конфекциската индустрија. Очекувано или не, автомобилската индустрија забележа пад.
Трговијата со комуникациска опрема порасна за 13 отсто во кварталот, што значително го надмина скромниот годишен раст на секторот од еден отсто. Увозот и извозот на канцелариска опрема, исто така, се зголемија за 13 отсто во кварталот – во согласност со силниот раст на секторот од 15 отсто во текот на годината. Секторот за облека бележи силен квартален раст од 14 отсто, а тука имаше остар контраст, бидејќи е забележан пад од пет отсто на годишно ниво.
Кризата во автомобилската индустрија се одрази и во бизнисот на компаниите, а вредноста на трговијата забележа пад од три отсто во третиот квартал поради забавувањето на побарувачката. И покрај сите проблеми, прогнозите се оптимистички, а во извештајот се наведува дека овој сектор треба да оствари годишен раст од четири проценти.
Трговијата со енергетски производи е намалена за два отсто во кварталот и седум отсто на годишна основа. Увозот и извозот на метали се намалени за три проценти и на квартално и на годишно ниво.
Глобалната трговија во 2025 година под лупа на САД
Неизвесноста во трговските односи ќе биде поголема во 2025 година, поради продолжувањето или дури и новите трговски војни, како и тековните геополитички предизвици, сметаат авторите на извештајот.
Трговската перспектива за 2025 година е заматена од потенцијалните промени во политиката на САД, вклучително и пошироки царини кои би можеле да ги нарушат глобалните синџири на вредност и да влијаат на клучните трговски партнери, се вели во извештајот на УНКТАД.
Земјите кои се најмногу изложени на промени во трговската политика на САД се оние со големи трговски суфицити и повисоки царински бариери. Врз основа на податоците за трговската размена на стоки од 2023 година, тие вклучуваат Кина (околу 280 милијарди долари трговски суфицит), Индија (45 милијарди долари), Европската унија (205 милијарди долари) и Виетнам (105 милијарди долари).
Други земји со трговски суфицит, како што се Канада (70 милијарди долари), Јапонија (70 милијарди долари), Мексико (150 милијарди долари) и Република Кореја (50 милијарди долари), исто така може да се соочат со одредени ризици, и покрај воведувањето на релативно пониски царини за увоз од САД или преку воспоставување трговски договори.
Движењето на американскиот долар, како и промената на макроекономската политика со доаѓањето на новата администрација, ќе придонесат за поголема неизвесност во глобалната трговија во текот на наредната година.
Фото: Pixabay