Кампања: Дали имате љубов за давање

20

Со пораката Дали имате љубов за давање, денес на Плоштад Македонија од 10:00 до 11:00 часот,  Министерството за труд и социјална политика и УНИЦЕФ ќе ја отпочнат кампањата која има за цел да ги поттикне граѓаните да станат згрижувачи на деца без родителска грижа и да мобилизира поддршка за решенија за грижа за деца во семејно опкружување на ниво на заедницата, наспроти институционално згрижување.

На настанот ќе се обратат Мила Царовска, министерка за труд и социјална политика и Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ.

Иницијативата е дел од заложбите на Владата да обезбеди услови за секое дете без родителска грижа во земјата да расте во безбедна и грижлива семејна средина. Тоа се постигнува преку вложување во превентивни активности и поддршка на биолошките семејства; развивање нови форми на згрижување и проширување на мрежата на згрижувачки семејства; инвестиции во подобрување на квалитетот на алтернативни решенија за грижа преку нивна стандардизација и вложување во рана детекција и рана интервенција на тешкотии во развојот кај децата.

Фото: Pixabay