Дали козите предвидуваат вулкански ерупции, а кучињата земјотреси – научниците сакаат да докажат дека можат

68

Научниците, во напорите да ги предвидат земјотресите, вулканските ерупции и други природни феномени, ангажирале необични соработници. Меѓу нив се илјадници псишта, козите и други домашни животни, како и широк спектар на диви животни, чии движења ќе се следат од вселената.

Во истражувачкиот проект, предаватели ќе бидат поставени на цицачите, птиците и инсектите, а нивните движења ќе се следат преку наменски сателит кој ќе биде лансиран следната година.

Целта е да се истражи не само како животните реагираат на непосредни природни настани како што се вулканските ерупции, туку и да се добијат нови сознанија за миграциите, ширењето на болестите меѓу животните и влијанието на климатската криза, велат истражувачите.

„На крајот, се надеваме дека ќе започнеме флота од околу шест сателити и ќе воспоставиме глобална мрежа за набљудување која не само што ќе пружи детали за движењето на дивите животни и здравјето на животните низ планетата, туку ќе открие како тие реагираат на природните појави како земјотресите“, вели лидерот на проектот, Мартин Викилски од Институтот Макс Планк во Германија.

Вредноста на истражувањето на означените животни веќе беше демонстрирана во раните експерименти на Сицилија, на падините на планината Етна, напоменува Викилски. „Откривме дека однесувањето на козите е прилично добро во предвидувањето на големите вулкански ерупции.“

Сензорите покажале дека животните стануваат нервозни пред ерупцијата и одбиваат да се преместат на повисоките пасишта кои инаку би ги посетиле. „Тие однапред знаат што доаѓа. Не знаеме како го чувствуваат, но го чувствуваат“, додава Викилски.

Слично, истражувачите ги следеле кучињата, овците и други домашни животни на планините Абруцо близу Рим и откриле дека тие исто така реагирале и предвиделе седум од осум големи земјотреси во регионот во последните 12 години.

Приказните за животни кои се однесуваат чудно пред земјотресите или ерупциите не се нови. Грчкиот историчар Тукидид тврдеше дека стаорците,кучињата, змиите и ласиците го напуштиле градот Хелике непосредно пред земјотресот 373. година пред нашата ера.

Слично се случило непосредно пред земјотресот во Хајченг во Кина во 1975 година кога змиите и стаорците ги напуштале своите дупки.

Зошто овие животни се однесувале на овој начин е помалку јасно. „Непосредно пред земјотресот, тектонските плочи лизгаат една преку друга под огромен притисок, што испушта јони од каменот во воздухот. Животните можеби реагираат на тоа?“, наведува Викилски, кој е основач на Меѓународната соработка за истражување на животни од вселената (Икарус), во која се вклучени научници од целиот свет.

Икарус станал возможен благодарение на револуцијата во технологијата на маркирање на животни. Ситни дигитални предаватели – кои користат мали литиеви батерии – и евтини и бројни минијатурни GPS уреди овозможија правење на маркери тешки само неколку грама.
„Сега ќе можеме да ги означиме повеќето кичменици на планетата до кои не сме можеле да допреме“, истакнува Скот Јанко, еколошки истражувач од Универзитетот во Мичиген.

Разбирањето на начинот на кој животните реагираат на геолошките промени е само едно од подрачјата на интерес во таа револуција, додава Викилски. „На пример, ќе можеме да го утврдиме здравјето на дивите животни од вселената“, вели тој.

Првобитно било планирано Икарус да биде во целосна функција пред неколку години кога тимот започнал со соработка со руските научници на користењето на радио-телескопи на Меѓународната вселенска станица за следење на означените животни. Но, соработката била прекината поради војната во Украина.

Наместо тоа, тимот создаде мал сателит наречен Икарус КјубСат, кој треба да биде лансиран следната година.

„По тоа ќе ги зголемиме нашите операции додека не имаме околу шест сателити и постојан систем за следење на животните додека се движат и мигрираат низ светот“, рече Викилски. „Тоа треба да ни овозможи огромна количина податоци за тоа како се однесуваат животните.“

Фото: Pixabay