
Не постои официјална дефиниција за „воена економија“, но има многу показатели. Воена економија значи дека државата ги мобилизирала своите ресурси, производствен капацитет и работна сила за да ја поддржи воената подготовка и производство пред или за време на војната. Најочигледна економска промена е пренасочувањето на индустриското производство од стока за широка потрошувачка кон оружје, муниција и друга воена опрема, пишува Дојче веле.
Покрај традиционалниот воен хардвер, модерното оружје бара инвестиции во технологија и дигитални услуги како што се софтвер, анализа на податоци, сателитски системи и сигурна интернет инфраструктура, вели Пени Нас, експерт за јавна политика во Германскиот фонд Маршал со седиште во САД.
За да се управува со ова, се зголемува централизираната државна контрола врз клучните индустрии и прераспределбата на ресурсите. Таа контрола им овозможува на владите да им дадат приоритет на суровините и да ги пренасочат кон индустрии и производи поврзани со војна. Други резерви, како што се гориво или храна, може да се рационализираат за да ѝ се даде предност на армијата.
Катализатор за напредок „Во вистинска воена економија, сите елементи на општеството се пренасочени кон одбрана на татковината“, вели Нас. Тоа прилагодување е скапо и обично води до големо зголемување на владините трошоци за сето тоа да се финансира. Ова може да резултира со поголемо задолжување, инфлација, повисоки даноци и помалку средства за социјални трошоци.
Армин Штајнбах, соработник на тинк-тенкот „Бројгел“ во Брисел и професор на деловното училиште „ХЕЦ“ во Париз, тврди дека најголеми победници се компаниите фокусирани на воени производи, дигитални технологии, информации и разузнавање и фармацевтска и медицинска технологија.
„Транзицијата кон воена економија може да биде катализатор за научниот и технолошкиот напредок“, вели Штајнбах за ДВ. „Новите комуникациски системи, млазни мотори, радари и напредокот во разузнавачките системи носат придобивки – а овие технологии влијаат и на другите индустрии.
Преминот од цивилна во воена економија може да се случи бавно или брзо, во зависност од ситуацијата. За време на Втората светска војна Германија имаше предност бидејќи однапред знаеше дека ќе нападне и се подготвуваше. САД, Велика Британија и другите сојузници доцнеа да одговорат и мораа брзо да се израмнат.
Денес Русија и Украина се во слични ситуации. Русија значително ги зголеми воените трошоци, го засили производството на воена опрема и воведе контрола на капиталот за да го забави одливот на пари од земјата. Инфлацијата се зголеми, а владата ја зголеми јавната потрошувачка за да одржи цивилна економија. Посиромашната Украина е во уште полоша ситуација. Како што е нападната, таа се бори за опстанок и инвестира многу повеќе во воените напори. Украина денес троши 58 отсто од својот буџет за воени расходи, забележува Штајнбах.
Како Русија, Украина ја мобилизираше својата работна сила, која одвои многу искусни работници од традиционалното производство. На барање на владата, многу фабрики беа пренаменети за производство на оружје и муниција. Постојат голем број други земји кои се во режим на воена економија до одреден степен поради актуелните воени конфликти. Меѓу нив се Мјанмар, Судан и Јемен, каде беснеат граѓански војни.
Конфликтите во Израел, Сирија, Етиопија и Еритреја, исто така, доведоа до економски пореметувања бидејќи тамошните влади се фокусираа на воените напори. Израел ги зголеми трошоците за одбрана. Многу работници беа регрутирани да се борат, со што беа отстранети од цивилниот пазар на труд. За да ги финансира овие трошоци, владата ги зголеми данокот на додадена вредност (ДДВ), стапките за комунални услуги и даноците на имот.
Одбранбен план
ЕУ неодамна стана активна поради слабеењето на американската поддршка за Украина, НАТО и Европа воопшто. По децении американска поддршка за Европа, администрацијата на Доналд Трамп се приближи до рускиот претседател Владимир Путин. Ова особено ги загрижи европските земји кои се потпираа на трансатлантските безбедносни гаранции.
Членките на НАТО, од кои 23 се дел од Европската унија, едвај успеаја да издвојат два отсто од БДП за одбрана. Сега и тој процент не се смета за доволен. Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на 4 март го претстави одбранбениот план „Rearm Europe“. Планот од 800 милијарди евра има за цел да ги зајакне воените капацитети на ЕУ.
Тој предвидува вкупно 150 милијарди евра заеми за членките на ЕУ. Покрај тоа, олеснувањето на строгите правила за буџетскиот дефицит ќе им овозможи на земјите да ги зголемат трошоците, што може да доведе до дополнителни 650 милијарди евра воени трошоци во наредните години. На 21 март Германија направи значаен чекор со одобрување на новите буџетски правила во Бундестагот. Отсега владата ќе има поголема слобода да инвестира во одбраната бидејќи повеќето воени трошоци повеќе нема да бидат ограничени со фискални правила.











