Дали знаете кои информации за вас ги имаат давателите на кредити?

897

Дали ви се случило да побарате кредит или кредитна картичка во некоја од нашите банки или да сакате да купите телевизор со картичка за попусти на одреден трговец и да бидете одбиени поради кредитна презадолженост, иако вие не сте сигурни на што точно тоа се однесува?

Реагирате и велите дека немате друг кредит, но службеникот крева раменици и ве известува дека на информацијата преземена од Македонското кредитно биро стои дека имате некаков долг кој подолго време не е подмирен. Кредитот ви е неопходен и размислувате што понатаму, односно како до дојдете до информација на што конкретно се однесува вашата презадолженост. Секако, не ни помислувате дека во кредитното биро постојат податоци и за неплатени сметки за телефон или струја, дека можеби не сте платиле данок или сте биле некому жирант.

Доколку сакате да проверите кои информации за вашата лична кредитна историја ги имаат давателите на кредити, можете да побарате сопствен извештај од Македонското кредитно биро, советуваат од Организацијата за заштита на потрошувачите преку месечниот билтен.

Извештајот овозможува да се провери дали и каде едно физичко лице има обврски по основ на кредити, жирантства, дозволено пречекорување на трансакциски сметки, платежни картички, даноци, телекомуникациски услуги, услуги од областа на енергетиката, комунални давачки, обврски по основ на користење на други услуги, како и да се провери историјата на доцнења на секоја обврска поединечно во период од последните 24 месеци.

Податоците за изработка на извештајот Македонското кредитно биро ги собира од банки, осигурителни друштва, друштва за финансиски лизинг, штедилници, други даватели на кредити, финансиски друштва, телекомуникациски оператори, снабдувачи со електрична енергија, комунални претпријатија, локални самоуправи, нотари и извршители. Сопствениот извештај се бара онлајн на сајтот mkb.mk со отворање личен кориснички профил или во просториите на Македонското кредитно биро во Скопје со лична карта на лицето кое го бара извештајот или со полномошно заверено на нотар. Извештајот чини 350 денари, а се издава во хартиен или електронски облик. Во продолжение е даден пример на сопствен извештај.

Освен сопствен извештај, Македонското кредитно биро ви нуди и услуга АСИС (Алармен систем за известување на субјекти), со која по електронска пошта ве информира при промени во вашето лично кредитно досие. Со претплата од 3, 6 или 12 месеци, која чини 300, 450 или 600 денари, Македонското кредитно биро ќе ви испраќа пораки за: создавање или затворање на ваша финансиска обврска (кредит, кредитни картички, дозволено пречекорување на трансакциска сметка и сл.); ваше пријавување или одјавување како жирант или кокредитобарател; активирање на вашата улога на жирант или кокредитобарател; блокирање или деблокирање на ваши сметки или картички и ваши неплатени обврски со доцнење од 30 до 60 денови, 60-90 денови и над 90 денови.

Доколку во сопствениот извештај или во извештај од Македонското кредитно биро што ви го дала банката забележите неточни, застарени или непотполни податоци, можете да побарате нивна корекција со поднесување Барање за исправка – дополнување на податоци. Ваквото барање Македонското кредитно биро ќе го проследи до Давателот на податоци од кого потекнува спорниот податок. Во периодот од приемот на ваквата рекламација во Македонското кредитно биро па до нејзиното разрешување сите извештаи кои ќе ги добиваат за вас вашите потенцијалите кредитори ќе содржат информација дека обврската за која е поднесена рекламацијата е оспорена.

Фото: Pexels