ДДВ за компјутери и за сончеви колектори останува 5%

72

Трајна примена на повластената стапка од 5% данок на додадена вредност за увоз на компјутери, софтвер и сончеви колектори се измените на Законот за данок за додадена вредност, кои на предлог на Министерството за финансии биле усвоени од Владата. Со измените на Законот за ДДВ е предвидено и ослободување од ДДВ при увоз на мали пратки од странство со вредност до 22 евра.

Со предложените измени, како што соопшти Минитерството за финансии, ќе се пропише трајна примена на повластената стапка од 5% за промет и увоз на компјутери, термални сончеви системи и компјутерски софтвер.  Целта е зголемување на квалитетот на информатичката технологија и образование, како и да се овозможи поголемо користење на сончевата енергија како алтернативен извор, со што ќе се влијае на намалување на потрошувачката на електрична енергија, како и за заштита на животната средина. Рокот за повластената стапка за овие добра и услуги истекуваше на 31 декември 2012 година.

Со ослободувањето од ДДВ кај малите пратки ќе се овозможи олеснување на постапката при увоз, а ќе се влијае и на унапредување на електронската трговија во земјата. Ова ослободување не се однесува на тутун и производи од тутн, алкохол и алкохолни пијалаци, како и на парфеми и тоалетни води.