Дебар продолжува со извозот на огревно дрво во Албанија

29

Дебарската подружница на ЈП Македонски шуми повторно извезува огревно дрво во Албанија, а во тек се и преговори за извоз и во Грција.

“Според договорот, за Албанија до крајот на годинава треба да испорачаме 2.000 метри просторни. Не се отфрла можноста, поради задоволството од квалитетот на дрвата, кои ги извезуваме, побарувачката да биде и поголема. Лани таму извезовме 1.400 метри просторни. Во тек се разговори за извоз и за Грција, за каде лани извезовме над 200 метри просторни“, информира директорот на подружницата Рами Љата.

Дрвото за Албанија се продава по цена од 36,7 евра за втора класа, а 51 евро за прва класа. Годишната сеча на оваа подружница, според Љата, изнесува 9,5 илјади метри просторни, дабово и буково дрво.

“Потребите на градот и селските населби од поширокото подрачје се задоволени. Секоја уплата е и реализирана. Исто така дрво сме продале и во соседните општини Струга и Гостивар, како и во Тетово. Останатите количини, кои ги имаме како вишок ги извезуваме”, изјави Љата.

Во двата склада има залиха од околу 7.000 метри просторни букови дрва. Цената на метар просторен за прва класа бука е 2370 денари, а за втора класа 1860, додека за даб прва класа 2.500 денари за метар просторен.