Дебата на тема Усогласеност на законите со подзаконската регулатива

14

Во организација на Центарот за енергетска ефикасност (МАЦЕФ) и Министерството за економија денес беше одржана дебатата за Усогласеност на Законите со подзконската регулатива во делот на правилници, проекти-елаборати, овластувања или лиценци и надлежност.

На неа беше константирано дека треба да се направи разлика помеѓу проект и елаборат, за негово реализирање треба да се усогласат законските со подзаконските акти со што ќе се создадат предуслови за да се избегнат недоразбирањата меѓу инвеститорите и проектантите при реализација на нивните обврски.

“Во законот се дефинирани определени обврски кои што се разработуваат во правилниците, но ние заклучуваме дека има определена неусогласеност и предлагаме да се усогласат. Не е расчистено меѓу поимите проект и елаборат, кои се нивните овластувањеа и што треба едно на друго да претходи особено со измените во законот за енергетика”, истакна претседателот на МАЦЕФ Константин Димитров.

Според него донесените правилниците за енергетски контроли и енергетска ефикасност на зградите треба да се усогласат со законот за градење и да се предвиди дали тоа ќе биде проект или елаборат.

“Во законот се вели дека треба да има проект за заштита за пожар, додека подзаконскиот акт вели елаборат за заштита од пожар и во финалната документација што ја добиваме стои основен проект-елаборат за заштита од пожар што е неусогласено бидејќи елаборатите се подготовка за проектот”, рече Димитров.

Како што истакна Даме Димитровски од Машинскиот факултет, Комората на овластени архитекти и инженери засега се справува со проблемите околу неусогласеноста на законските и подзаконските регулативи, и ги спроведува елаборатите за енергетска ефикасност, но потребно е нивно усогласување за успешно справување и градење на објекти.

“Инженерите имаат пракса и покрај недонесената добра регулатива да се водат по некое повисоко ниво, доколку во Македонија не постои стандард за некоја област тие се водат по стандарди од околните земји каде што тоа е подобро регулирано во делот на униформирање на целиот елаборат”, рече Димитровски.

На дебатата присуствуваа претставници од министерствата за економија, животна средина и просторно планирање и транспорт и врски, како и претставници на инженерски здруженија, проектантски организации, академски институции, каде што ги претставија своите искуства околу проблемот кој се јавува со неусогласеност на законската со подзаконската регулатива и предлози за успешно справување.

Оваа дебата е финален настан со кој се заокружува манифестацијата Недела на енергетика Македонија 2013 во организација на МАЦЕФ која традиционално се одржува по 9-ти пат.