Декларација за соработка на регулаторите на пазарите на хартии од вредност во регионот

19

Регулаторите на пазарите на хартии од вредност од Македонија, Словенија, Србија, Хрватска, Црна Гора, Република Српска, Федерацијата на Босна и Херцеговина и Дистриктот Брчко, во Љублана потпишаа Декларација за соработка, јавува Миа.

Документот, што го потпиша претседателот на КХВ Елизабета Чингаровска, предвидува воспоставување високо регулиран, фер, ефективен и транспарентен пазар на капитал којшто ќе има за цел заштита и привлекување на домашни и странски инвеститори.

Регулаторите на средбата и преку потпишаниот документ се обврзаа да создадат основа за развој на заедничка методологија и пракса за нудење на инвестициски услуги и зајакнување на супервизијата преку подобрување на инвестициската атмосфера и привлекување на мали и средни компании на пазарот на капитал.

Заедничката соработка ќе доведе до координација при носење на регулативата и утврдувањето на исти стандарди за санкционирање на пазарните манипулации и инсајдерско тргување.

Согласно декларацијата, регулаторите ќе соработуваат при организирање на заедничка едукација и спроведување на лиценцирање на пазарните учесници кои би овозможиле услуги на пазарите во регионот.

Една од активностите којашто во изминатиот период беше реализирана е регионалната интеграција на берзите преку создавање на СЕЕ Линк платформата за тргување на хартии од вредност од Македонија, Бугарија и Хрватска, а во наредниот период на оваа платформа ќе се приклучат и хартии од вредност од Љубљанската и Белградската Берза. Со оваа декларација се продолжува регионалната соработка меѓу регулаторните тела која започна пред пет години.