Дел од добивката на НЛБ Тутунска банка за дивиденда, остатокот за инвестиции

90

nlb

НЛБ Тутунска банка донесе предлог одлука за употреба и распоредување на остварената добивка по годишна сметка за 2015 година.

“Добивката по оданочување по годишната сметка на НЛБ Тутунска банка АД Скопје за 2015 година во износ од 831.951.172 денари се распоредува како што следи: 582.469.602 денари за исплата на дивиденда и 249.481.570 денари за задржана добивка за инвестициски вложувања“, стои во предлог одлуката.

Последен ден на тргување со право на дивиденда за 2015 година е 19.05.2016 година. Прв ден на тргување без право на дивиденда за 2015 година е 20.05.2016 година. Датумот на евиденција според којшто се определува листата на акционери кои имаат право на делот од добивката наменет за дивиденда за 2015 година е 25.05.2016 година.

Износот на бруто дивидендата по акција е 682 денари.

Исплатата на дивидендата, како што стои во предлог одлуката, ќе почне на 30-от ден од одржувањето на Собранието на НЛБ Тутунска банка.

“Добивката што се распоредува во задржана добивка за инвестициски вложувања служи за развојни цели, односно вложувања во материјали и нематеријални средства за проширување на дејноста и истата не е расположлива за исплата на дивиденда на акционерите во иднина (ограничена за распределба на акционерите)“, стои во предлог одлуката на банката.

НЛБ Тутунска банка донесе предлог одлука за промена на називот на банката.

“Се менува називот на НЛБ Тутунска банка АД Скопје во НЛБ Банка АД Скопје. Скратениот назив на НЛБ Банка АД Скопје ќе гласи НЛБ Банка. Оваа одлука влегува во сила по добивање на Согласност од Гувернерот на НБРМ за промена на називот на банката, како и по добивање на согласност од Гувернерот на НБРМ за измени и дополнувања на Статутот на банката“, стои во предлог одлуката.

Надзорниот одбор на НЛБ Тутунска банка на Собранието на акционери на банката му предложи да ја усвои одлуката за усвојување на листата на нето должници на банката.

На листата на нето должници се најдоа 10.238 нето должници, за период од 01.01.2015 до 31.12.2015 година.

Нето должник е физичко лице чии просечни годишни обврски кон банката се поголеми од неговите просечни годишни побарувања и вложувања во и од банката или физичко лице кое е претставник или на било кој друг начин е поврзано со правно лице кон кое нето изложеноста на банката е поголема од 1% од сопствените средства на банката.