Дерипаска од Црна Гора бара оштета од 600 милиони евра

60

deripaskaКомпанијата на рускиот олигарх Олег Дерипаска, која го доведе до банкрот Комбинатот за алуминиум Подгорица (КАП) поради долгови од 350 милиони евра, што е двојно повеќе од вкупната вредност на компанијата, сега покрена арбитражна постапка против Црна Гора и бара оштета.

Кипарската офшор компанија зад која стои Дерипаска, а која неколку години управуваше со КАП, тврди дека Црна Гора го прекршила Договорот за заемно поттикнување и заштита на инвестиции, склучен помеѓу Кипар и поранешната државна заедница Србија и Црна Гора.

Офшор компанијата Централноевропска алуминиумска компанија (CEAC) бара надоместок за штета и загуби, вклучувајќи и надоместок за незаконска експропријација на инвестициите на CEAC и очекува на име на оштета да добие преку 600 милиони евра, јавува Радио слободна Европа.

Црна Гора ги отфрли наводите на CEAC дека незаконски се мешала во инвестициите на оваа компанија во КАП. Црногорската влада истакнува дека барањата на CEAC се неосновани, што ќе биде утврдено во арбитражната постапка.

Според Владата на Црна Гора, стечајната постака во КАП е воведена на барање на доверителите, поради преоптовареност со долгови и неподмирени обрски кон нив, кои се создале во периодот кога со КАП управувала CEAC. Поради лошото управување, долговите на КАП кон доверителите надминуваат 350 милиони евра, пренесуваат српските медиуми.

CEAC предложи спорот да се реши во август 2013 година, но поради тоа што двете страни на успеаја да најдат заедничко решение, CEAC побара арбитража.

Владата на Црна Гора, која заедно со компанијата на Дерипаска е мнозински сопственик во КАП, со по една третина капитал, во јули минатата година прогласи стечај на КАП, а во октомври прогласи банкрот.

КАП е приватизиран во 2005 година, кога за 48,5 милиони евра и беше продаден мнозинскиот пакет на офшор компанија зад која јавно застана Олег Дерипаска.