Деркоски: Железничкиот сообраќај ќе се одвива без застој

16

Voz_Директорот на МЖ Транспорт АД Скопје, Оливер Деркоски на денешната прес-конференција изјави дека железничкиот сообраќај се одвива без прекини и ќе продолжи да се одвива така и покрај штрајкот на Независниот синдикат на машинскиот персонал на Македонија (НСММ).

“Возовите нема да запрат. Има и други машиновозачи во претпријатието во кое функционираат шест синдикати”, наведе Деркоски.

Во претпријатието има вкупно 200 машиновозачи и машиновозачи помошници, а според Деркоски во штрајкот учествувале само петмина.

Тој информира дека со сите синдикати во МЖ Транспорт се воделе преговори за склучување на колективниот договор кои биле при крај, но дека само Независниот синдикат на машиновозачите се повлекол од преговорите и настапил со радикални чекори.

Деркоски исто така наведе дека промената на работните позиции на машиновозачите за кои се реагира не е причина за толкав револт и дека немало проблем и од страна на луѓето што биле прераспоредени на други позиции.

“Платата во МЖ Транспорт се исплаќа двапати во месецот, првиот дел на 25-ти во месецот, а вториот дел од 5-ти до 7-ми”, појасни директорот.

Тој демантира дека раководството на компанијата вршело притисоци кај Синдикатот и дека има кратење на бенефицираниот стаж што, според него, се исплаќа редовно.

“Согласно Законот, во случај на штрајк треба да се извести Трудовата инспекција. Tочно е дека возовите се стари, но за нивното одржување и безбедност се грижи цел тим и стоиме зад гаранцијата за безбедност”, укажа Деркоски.

Инаку, штрајкувачкиот одбор на Независниот синдикат на машиновозачите на Македонија (НСММ) за денес најави целосен прекин на железничкиот сообраќај откако вчера започнаа штрајк.

Машиновозачите бараат решавање на проблемот со прераспоредувањето на машиновозачи на ниски работни позиции, поради пресметка на платите според методологијата во Колективниот договор и намалувањето на бенефицираниот стаж.