
Десет години по Брегзит, референдумот со кој Велика Британија ја напушти Европската Унија, станува сè појасно дека тоа била грешка.
Нова анализа на Морнингстар, глобална компанија која се занимава со финансиски истражувања, насловена како „Деценијата на Брегзит“, ја покажа штетата во бројки и, меѓу другото, наведе дека британските инвестициски фондови изгубиле околу 160 милијарди долари, со шест последователни години повлекување на инвестициите. Затоа, истакнуваат тие, тоа е јасно структурна загуба на довербата, а не привремен цикличен пад.
FTSE 100, референтен индекс кој ги следи 100-те најголеми компании котирани на Лондонската берза, порасна за 62 проценти од референдумот, што е еквивалентно на годишна стапка на раст од нешто помалку од пет проценти. Ситуацијата на Волстрит е значително поинаква, па така S&P 500 порасна за 253 проценти во истиот период, што, пак, претставува годишен принос од 13,4 проценти.
Со други зборови, американските компании пораснаа три пати побрзо од големите британски компании.
Во Европа, германскиот DAX забележа принос од 151 процент, додека индексот Euro STOXX 50 порасна за 109 проценти, што сугерира дека Брегзит го погоди Лондон посилно од континенталните конкуренти што ги остави зад себе. Сепак, Морнингстар исто така наведува дека Брегзит беше само катализатор, а не и основна причина за слабите перформанси на британскиот пазар.
Во времето на референдумот, Велика Британија веќе се соочуваше со намалена домашна побарувачка за пензиски фондови, пренасочување на капиталот кон американските пазари во раст и неповолна секторска структура што беше насочена кон енергетика, банки и рударство, наместо кон технолошките платформи што доминираа во таа деценија.
Брегзит ги засили и забрза тие трендови, зголемувајќи ја перцепираната премија за ризик за Велика Британија. Во категоријата фондови со алокација на фунти што ја следи Морнингстар, просечната вредност на британските акции падна од 40 на 18 проценти, при што ослободениот капитал систематски се пренасочуваше кон американските акции.
Штетата потоа беше дополнително влошена од пандемијата Ковид-19, глобалниот инфлаторен шок, геополитичките конфликти, падот на странските директни инвестиции, послабиот извоз на стоки и грешките во домашната политика – особено кризата на пазарот на државни обврзници во есента 2022 година.
Ситуацијата не е многу подобра ниту со нивната национална валута. Според „Еуроњуз“, фунтата падна за околу 10 проценти во однос на американскиот долар и 12проценти во однос на еврото.
Од 2022 година, акциите во Велика Британија ги надминаа американските и глобалните пазари, поттикнати од силното поместување кон вредносни акции и отпорни дивиденди, но проценките продолжуваат да одразуваат песимизам, пренесува Финанције.хр.
Британските акции сè уште се вреднуваат со 30-35 проценти пониски P/E мултипли (коефициент цена-заработка) од американските, додека малите и средните компании се најмногу под притисок – и историски и во споредба со другите развиени пазари.











