Десетина илјади граѓани во Хрватска инвестираат во крипто валути

43

На хрватските граѓани, а особено на оние кои штедат, им се отвора можност за користење крипто валути. Државната поштенска компанија започна со примање на крипто валути и нивна конверзија во хрватски куни во 50-тина поштенски канцеларии ширум земјата.

Ова значи дека ако некој жител на Хрватска има bitcoin, Ether, XRP, Stellar или EOS може да ги променат во куни, пренесува Seebiz.

Во оваа земја, сè уште не може да се менуваат сите 1.600 крипто валути што постојат на дигиталниот монетарен пазар. За да ги поседуваат, треба да бидат регистрирани на специјализирани интернет страници, да отворат сопствен дигитален паричник и да тргуваат на виртуелни берзи и менувачници.

Според хрватскиот експерт за крипто валути, Никола Шкориќ, во земјата се користат крипто валутите од две причини – како шпекулативна инвестиција и за плаќање.

“Со инвестициската страна на крипто валутите се занимаваат одреден број на граѓани на Хрватска, постојат онлајн заедници каде тој вид на инвеститори меѓусебно комуницираат, а се организираат и средби во живо. Заедницата стана динамична бидејќи инвестирањето во крипто валути е едноставно и достапно, па со овој облик се занимаваат многу различни типови на луѓе што не е случај со традиционалните инвестиции“, објаснува Шкориќ.

Колку се популарни крипто валутите во Хрватска, тешко може да се процени, но експертите сметаат дека во овој вид на валути инвестираат десетина илјади граѓани.

Фото: Pexels