Детални информации за храната – обврска за извозниците од декември

20

vegАгенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) соопшти дека до 13 декември 2014 година домашните извозници на храна ќе мора да ги воведат најновите препораки од Европската унија за прецизно означување на производите.

Производите ќе треба да содржат информации како што се потеклото, нутритивните табели, отстапките во нето тежината и особено алергените, испишани со болдирани или букви во друга боја.

Директорот на Агенцијата Зоран Поповски информира дека станува збор за измени што ги воведува ЕУ во однос на означувањето на храната, а се содржани во најновата регулатива 1161 која претставува сублимат на досегашните засебни директиви. Во Македонија новините ќе бидат спроведени преку измени на актуелниот Закон за безбедност на храната.

“Веќе нема да зборуваме за означување на храната, туку за информации, детални, прецизни, конкретни. Измените ќе претставуваат бенефит за двете страни, и за потрошувачите кои ќе имаат можност да прочитаат што точно купуваат и врз основа на тоа да го направат вистинскиот избор, но и за компаниите кои пратично ќе добијат моќна алатка за презентација на своите производи, како и воспоставување фер конкуренција”, нагласи Поповски.

Ваквата обврска ќе важи и за операторите кои произведуваат храна за домашниот пазар, но за нив рокот е 1 јуни 2015 година.

Со цел успешно да се имплементират законските измени, АХВ почна со спроведување обуки за операторите со храна. Планирани се вкупно осум, а досега се реализирани две. Директорот на Агенцијата најави и изготвување водич за поефикасна примена на новите прописи.

Согласно новата законска регулатива, дефинирани се и казни за непочитување на одредбите – 3.000 евра за правни лица, 1.000 евра за одговорно лице и 500 евра за физичко лице.