Девет градови ќе добијат брендирани продавници за вино

69

harrods-wine-shop Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), ќе одвои 10 милиони денари од програмата за рурален развој, за отворање на 10 специјални вински продавници во кои ќе се продаваат исклучиво македонски вина брендирани од државата.
Во проектот МЗШВ ќе биде кофинансиер на продавниците чија површина е предвидено да биде од 30 до 100 метри квадратни во девет градови и тоа две во Скопје и по една во Охрид, Крушево, Битола, Прилеп, Струмица, Берово, Штип и Кавадарци, односно градовите кои имаат најмногу туристи на годишно ниво.
Кофинансирањето од страна на МЗШВ ќе биде во плаќање на закупнината во висина од максимум 30.000 денари, како и надоместоци за бруто-плата на најмногу две вработени лица, ограничено на просечната бруто-плата во дејноста. Воедно, ќе се спроведе и обука за вработените која треба да ги запознае со сите аспекти за виното.
Финансирањето по објект нема да биде повеќе од еден милиони денари, односно МЗШВ ќе финансира 50% од трошоците за опремување на продавницата.
Корисникот на продавницата ќе треба да склучи договор со најмалку 15 производители на вино за снабдување со вина и на полиците треба да изложи најмногу седум различни етикети од нивната понуда.
Винските продавници ќе имаат унифицирано внатрешно уредување. На страничните ѕидови ќе имаат дрвени полици за вино со висина до 2,3 метри, а во средишниот простор полици високи до 0,85 метри. Таванот ќе им биде со огледала за да се добие впечаток дека се престојува во голема визба. На челниот ѕид направен од тули ќе има лого во форма на вински чаши со мотиви од неколку од македонските цркви, меѓу кои и од црквата во Курбиново. Вработените ќе бидат облечени во наметка со истото лого кое ќе се наоѓа и на винските чаши. Во продавниците ќе можат да се сместат по околу 2.500 вински шишиња.
Министерот Љупчо Димовски информираше дека во иднина е предвидено и отворање на продавници од ваков тип и на граничните премини, на аеродромите, како и поставување на специјализирани штандови на туристичките места.
“Целта е сите регистрирани 81 винарска визба да можат да ги понудат своите вина со што ќе се зголеми и домашната потрошувачка на македонско вино”, рече Димовски.
Димовски информираше и дека оваа година е откупено скоро целото грозје од производителите, што автоматски ни покажува дека ќе има повеќе вино за продажба.