Девизните резерви во септември намалени за 247 милони евра

12

Вкупните девизни резерви заклучно со септември оваа година достигнаа 2.187.400.000 евра, што во споредба со истиот период лани (2.435.000.000 евра) е намалување од 247.600.000 евра, покажуваат податоците на Народната банка на Македонија.

Вкупните девизни резерви во август беа на ниво од 2.177.700.000 евра, што значи дека во септември се зголемени за 9,7 милиони евра.

Македонија во септември имаше монетарно злато вредно 219.300.000 евра, што е за 1,1 милиони евра повеќе во однос на претходниот месец, а за 11,3 милиони помалку во однос на септември 2014 година.

Валутите и депозитите во септември се во вредност од 240.900.000 евра или 36,4 милиони помалку во однос на истиот период претходната година.

Намалување од 223,2 милиони евра има кај хартиите од вредност во септември (1.722.400.000 евра) во однос на салдото од истиот период лани.

Девизните средства се дефинираат како средства коишто ѝ се веднаш расположливи на монетарната власт и се контролирани од монетарната власт, а служат за директно финансирање на нерамнотежата во платниот биланс и индиректно регулирање на таквата нерамнотежа преку интервенција на девизниот пазар со цел да се влијае врз девизниот курс.

Девизните резерви, како средства со кои располагаат и се контролирани од страна на монетарните власти, се состојат од: монетарно злато, специјални права на влечење, резервна позиција кај ММФ и девизи.