Џонсон и Џонсон се дели на две компании

98

Откако Тошиба најави поделба на три компании, американскиот конгломерат Џонсон и Џонсон (J&J) објави дека планира да се подели на две компании.

Притоа, ќе го одвои секторот наменет за општата здравствена потрошувачка на граѓаните, како што е продажбата на фластери и прашоци за бебиња, од својата голема фармацевтска единица.Компанијата има намера да ја заврши планираната поделба во рок од 18 до 24 месеци, пренесува Ројтерс.

Акциите на Џонсон и Џонсон реагираа на оваа вест со скок од 4 отсто во тргувањето пред официјалното отворање на Њујоршката берза.

Агенцијата АП пренесува дека компанијата која продава лекови на рецепт и медицински помагала ќе го задржи името Џонсон и Џонсон.

„По сеопфатна анализа, одборот на директори и менаџерскиот тим веруваат дека планираното деловно раздвојување е најдобриот начин да ги зајакнеме нашите напори да обезбедиме услуги за пациентите, потрошувачите и здравствените работници, да отвориме нови можности за нашиот глобален тим, да ја зголемиме профитабилноста. И, што е најважно, за подобрување на здравствената заштита на луѓето ширум светот“, се вели во соопштението на извршниот директор Алекс Горски.

Ројтерс истакнува дека со овој потег Џонсон и Џонсон се приклучи на трендот на други мултинационални компании кои решија да ја поедностават својата структура со поделба на неколку компании со специјализирани дејности.

Тошиба најави дека планира да се подели на три компании, додека Џенерал електрик во средата објави дека ќе се подели на три компании со цел да се намали долгот.