Дигитализацијата како услов за развој на пазарот на осигурување

194

Дигитализацијата претставува значен фактор во осигурителниот сектор, којшто ќе го детерминира правецот на идниот развој на осигурителната индустрија. Во развиените земји веќе се појавуваат и дигитални осигурителни компании кои имаат пет до шест вработени и немаат физички простор.

Осигурителната индустрија покажува дека настојува да биде што поблиску и поотворена за потребите на осигурениците. Овие процеси се очекува што поскоро да дојдат и во Македонија. Покрај стандардните форми на канали за продажба, постојат веб-платформи како модерно ИТ решение и други алатки како резултат на сè пораширената дигитализација. Може да се каже дека купувањето на полисата за осигурување никогаш не било полесно и таа никогаш не била подостапна до клиентите.

Македонија најпрвин започна со онлајн продажба на патничко осигурување. Она што беше значајно пред речиси година, сите компании во сегментот на неживотно осигурување коишто нудат автоодговорност, сите извршија подготовка за лансирање на апликација за онлајн купување на полиси за автоодговорност. Ова е еден голем зафат во осигурителната индустрија и во иднина ќе претставува многу поволен и позитивен развој во интерес на осигурениците. Исто така, онлајн може да се купи до одредени лимити и имотно, каско и здравствено осигурување.

Македонија домаќин на првата INSURTECH работилница

Токму во таа насока и државата беше домаќин на првата INSURTECH работилница за друштвата за осигурување. Организатори беа Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО) во соработка со Здружението на осигурувањето при Стопанската Комора на РМ и oрганизацијата Fintechguardian.eu, во Стопанската Комора на  Македонија.

Настанот беше фокусиран на развојот и примената на дигитализацијата во осигурителниот сектор и супервизорските стандарди и практики како на национално, така и на ниво на Европската унија, од аспект на креаторите и засегнатите страни кои ги применуваат овие технологии во своето работење.

Претседател на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурувањето, д-р Климе Попоски потенцираше дека дигитализацијата претставува најважен сегмент кој во иднина ќе влијае многу врз секоја индустрија, не само врз осигурителната.

“Сè почесто дигитализацијата се претставува како ‘четврта индустриска револуција’ којашто брзо ги трансформира општествата и економиите. Брзината и обемот на промените веројатно се без преседан. Дигитализацијата има потенцијал силно да влијае врз речиси секоја индустрија, во секоја земја, вклучувајќи ја и осигурителната индустрија. Меѓутоа, иако дигитализацијата има голем потенцијал, сепак предизвикува ризици што можат да влијаат на фер третманот на потрошувачите и притоа да бидат во спротивност на регулаторните барања за пазарното однесување на осигурителните субјекти и заштита на интересите на потрошувачите . Така на пример, постојат ризици од намален контакт лице в лице, недоволно разбирање од страна на потрошувачот за производот или услугата и за самиот давател на услуги, ризици во безбедноста и потенцијална злоупотреба на зголемените количини на податоци за потрошувачи и потенцијално исклучување за некои потрошувачи“, изјави Попоски.

Претставник на организацијата Fintechguardian од Бугарија, Десислав Данов, потенцираше дека Insurtech се појавил неодамна како термин и феномен.

“И покрај ова кратко постоење, процесот Insurtech бара сериозен трансформативен потенцијал од индустријата со вековна историја, како што е осигурувањето. Главна цел на процесот е унапредување на вредносниот синџир на осигурувањето преку иновации и поставување на клиентот во центарот на вниманието. Insurtech се однесува на употребата на технолошки иновации дизајнирани да ги зголемат заштедите и ефикасноста прифатена од компаниите од осигурителниот сектор, за користење на предностите на новите технологии со цел обезбедување покриеност на дигитално позната база на клиенти“, изјави Данов.

На настанот, преку видео јавување во живо се вклучија и експертите од осигурителниот сектор Calin Rangu од регулаторното тело во Романија и Julian Arevalo од Европското осигурително тело (EIOPA), при што друштвата за осигурување имаа уникатна можност да ги слушнат искуствата од имплементацијата на новите дигитални процеси во Романија како и глобално во Европската унија. Работилницата заврши во убава атмосфера и интересна дискусија на темата.