Дигитални алатки за органска фарма

69

Сузана Димитриевска е органски земјоделец од Македонија. Доаѓајќи од линија на силни, добро образовани жени, таа отсекогаш се чувствувала удобно при прифаќањето на нови технологии. Таа ги користи информатичките комуникациски технологии (ИКТ) за да ја зголеми ефикасноста на нејзината семејна фарма.

Пред неколку години, Сузана набави софтвер за управување со фарма што ѝ овозможи подобро да ги планира и контролира културите, да ги минимизира трошоците за работна сила и да троши помалку на гас и органско ѓубриво, со што ја зголеми добивката.

По склучување договор со швајцарска компанија во 2017 година, Сузана сметаше дека може да ја изврши целата работа со сезонски ангажиран труд. Меѓутоа, како што растеше побарувачката, таа ја сфати потребата и користа од автоматското решение кое може да контролира неколку различни процеси истовремено. Сузана, со поддршка од консултант и швајцарската компанија, имаше можност да подготви анализа на трошоците и добивките од мануелната работа наспроти користењето на машина за автоматско сортирање. Тие идентификуваа оптичка машина за сортирање по боја која може да открие и сортира преку 123 различни видови земјоделски култури, билки и земјоделски производи според нивната големина, боја и форма. Со заем од банка, таа инвестираше во оптички фото-селектор.

“Малите земјоделци како мене, сè уште немаат знаење и разбирање за потенцијалните можности што ги нудат ИКТ. Потребни се повеќе демонстративни фарми за да можеме да научиме како може да се користат новите технологии, кои се придобивките и евентуално да одлучиме да инвестираме во нив“, вели Сузана.

Организација за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО) редовно организира регионални форуми за е-земјоделство каде што се демонстрира употребата на ИКТ во однос на храната и земјоделството и каде им е овозможено на малите земјоделци да ги споделат сопствените искуства едни со други. ФАО верува дека дефинирањето на паметни пристапи кон ИКТ фокусирани на заедницата може да им обезбеди на луѓето од руралните средини алатки кои им се потребни за иновации и промени – како на пример да им се помогне на повеќе жени-земјоделци како Сузана, да пристапат до овие клучни технологии.

Покрај тоа, бидејќи руралните земјоделци преземаат сѐ поактивни улоги во нивните заедници, ИКТ можат да бидат ефективни алатки за жените и мажите да ја надминат сиромаштијата, за унапредување на родовата рамноправност и за градење на “Свет без глад“ #ZeroHunger.