Димовски: Условен увоз на пченица додека не заврши откупот

24

pcenicaОдлуката за условен увоз на пченица и брашно од Србија нема да се укине се додека не заврши откупот на домашното лебно жито и додека пазарот со брашно не се избалансира, рече денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски пред членовите на матичната собраниска Комисија, јавува Миа.

Оваа мерка, напомена Димовски, е воведена по барање и на производителите и на мелничарите заради надминување на проблемот со нелојалната конкуренција.

Според него, заклучокот од ЦЕФТА – состанокот одржан завчера во Белград е решавањето на проблемот да се сведе на билатерално ниво.

“Максимално се трудиме да ја искористиме можноста за откуп на домашната пченица. Имаме разбирање од мелничарите, но и од индивидуалните производители”, истакна Димовски.

Тој порача да не се шпекулира кога ќе заврши откупот. Неговите проценки се дека преземањето на количините ќе трае до втората половина на август. Се очекува да бидат откупени околу 150.000 тони пченица.

Изминативе месеци во Македонија се увезени 153.000 тони пченица и 70.000 тони брашно што значително го наруши домашниот пазар.