Директори на европски компании: Голема рецесија ѝ се заканува на Европа

194

Извршните директори на неколку големи европски компании изјавија за CNBC дека гледаат голема рецесија што ѝ се заканува на Европа.

Eвропа е особено ранлива на последиците од руско-украинската војна, поврзаните економски санкции и загриженоста околу снабдувањето со енергија, а економистите ги намалуваат прогнозите за раст на еврозоната во последните недели.

Еврозоната се соочува со истовремени економски шокови од војната во Украина и пораст на цените на храната и енергијата како последица од конфликтот, заедно со шоковите  во синџирите за снабдување што произлегуваат од кинеската политика за нулта толеранија кон Ковид.
Тоа поттикнува  загриженост за „стагфлација“ – состојба со низок економски раст и висока инфлација – и евентуална рецесија.

Рецесија во процес на создавање

„Сигурно е, гледаме рецесија што е во процес на создавање, значи се подготвува. Сè уште има преголема побарувачка поради кризата со Ковид која што секој момент треба да ја оставиме зад нас“, вели Штефан Хартунг, извршен директор на германскиот инженерски и технолошки гигант Bosch.

„Ковидот сè уште е тука и гледаме дека силно ја погодува Кина, но гледате дека во многу области во светот, побарувачката е веќе значително зголемена во некои области“.

Хартунг ја истакнува  побарувачката  за апарати за домаќинство, електрични алати и возила, но посочи дека тоа ќе се намали.

„Тоа значи дека за одредено време, оваа побарувачка сè уште ќе постои, иако гледаме зголемување на каматите и зголемување на цените, но во одреден момент, тоа нема да биде само криза со понудата, туку ќе да биде и криза на побарувачката и тогаш сигурно сме во длабока рецесија“, додаде тој.

Славомир Крупа, заменик извршен директор во Societe Generale, изјави за CNBC вчера дека француската  банка внимателно ја следи макроекономската слика.

„Очигледно е фундаментална вест за макроекономскиот  контекст и поттикнатата инфлација којашто доаѓа како последица на енергетскиот шок – нешто што постоеше и пред да почне војната во Украина – сега имате стравување од уште повисока инфлација и ризик за конечен, фундаментален импакт врз макроекономијата во вид на рецесија“, рече тој, додавајќи дека тоа потенцијално ќе влијае на „целиот систем, и банката, секако“.

Предизвикувачко деловно опкружување

Ола Калениус, извршен директор на Mercedes-Benz, исто така изјави за CNBC минатата недела дека ситуацијата во Кина и војната во Украина создаваат „тешко деловно опкружување“ за германскиот производител на луксузни автомобили на три различни начини.

„Од една страна, имаме тековен недостиг главно поврзан со микрочипови. Згора на тоа, сега има нови локдауни во Кина, нашиот најголем пазар, што ќе влијае на нас во Кина, но исто така може да влијае и на синџирите на снабдување низ целиот свет, а покрај тоа, се разбира, и војната во Украина, така што деловната клима е многу тешка“, објасни тој.

Неговите коментари ги потврдува и извршниот директор на Volkswagen, Херберт Дис, кој вели дека компанијата исто така се соочила со „отежнето опкружување“ од Ковид, недостигот на чипови и војната во Украина во првиот квартал.

Извршниот директор на Maersk, Сорен Скоу, вели  дека најголемата светска бродска компанија, исто така, внимава на ризиците од рецесија, особено во САД, но не очекува тие да дојдат до израз до крајот на 2022 година или почетокот на 2023 година.