Директори од Wirecard си извлекле 900 милиони евра

155

Истражните органи во Германија сметаат дека компанијата за интернет плаќања, Wirecard, којашто неодамна спектакуларно пропадна, пред тоа била ограбена и тоа за скоро 900 милиони евра.

За тоа, како што пишува Financial Times, одговорни се менаџери кои одобрувале милионски кредити на компании во Дубаи, Сингапур и Филипини. Станува збор за кредити за коишто компанијата претходно тврдела дека се наменети за авансно плаќање на компании чии трансакции се процесуирани преку партнерите на Wirecard во Азија.

Wirecard, компанија со седиште во Минхен, прогласи стечај поради долг од 3,5 милијарди евра. Пропаѓањето на оваа фирма го наруши угледот на Германија, бидејќи е виновна за најголемиот сметководствен скандал во земјата од крајот на Втората светска војна.

Основана во 1999 година, Wirecard некогаш важеше за една од најперспективните технолошки компании во Европа. Компанијата, која има скоро 6.000 вработени во 26 земји низ светот, објави приходи од над две милијарди евра (2,2 милијарди долари) во 2018 година. Акциите достигнаа ниво над 190 евра во септември 2018 година, истиот месец компанијата ја замени Commerzbank на германскиот список на 30 најдобри компании.

Фото: Twitter