Директорите во Британија со 183 пати поголеми плати од работниците

11

funti

Извршните директори на 100-те најголеми компании на Лондонската берза во просек заработуваат 183 пати повеќе од обичните работници со полно работно време, стои во истражувањето што го спроведе центарот High Pay.

Според Центарот што истражува распределба на приходи, шефовите во 2014 година во просек заработиле 4,964 милиони фунти спрема 27.195 фунти, колку што изнесувала просечната годишна заработка на работник со полно работно време, пренесува BBC.

Разликата во плати не е многу зголемена во однос на периодот меѓу 2014 и 2013 година, кога директорите заработувале 182 пати повеќе, но е многу поголема во однос на 2010 година, кога платите на директорите биле 160 пати поголеми од платите на просечниот работник.

“Износот на платите заедно со бонусите е далеку над она што би било разумно или потребно кога станува збор за наградување и поттикнување на директорите”, вели директорката на Центарот, Дебора Харгривс.

Компаниите во Велика Британија што котираат на берзата, од 2013 година се обврзани да ги објавуваат износите на платите на своите директори, како и да им дадат обврзувачки глас на акционерите кога се одлучува за платите.