Директорката на ММФ алармира: Светот изгуби 20% од нафтата и гасот – притисокот врз цените е неизбежен

Директорката на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристалина Георгијева, изјави дека координираните глобални мерки се клучни за ублажување на последиците од актуелните кризи и зајакнување на отпорноста на светската економија, нагласувајќи ја потребата од поголема енергетска ефикасност, стабилни финансиски системи и инвестиции во долгорочен раст.

Во интервју за бугарската агенција БТА по пролетните состаноци на ММФ и Светската банка, таа рече дека светот се соочува со силни надворешни шокови, вклучително и нарушувања на енергетските пазари, но дека ваквите кризи можат да поттикнат позитивни промени, како што се диверзификација на изворите на енергија и зајакнување на економската стабилност.

Таа потсети дека глобалната економија изгуби околу 20 проценти од нафтата и гасот на кои се потпираше, поради кризата на Блискиот Исток, а таквата нерамнотежа помеѓу понудата и побарувачката, како што процени таа, неизбежно врши притисок врз растот на цените.