Диверзификацијата на Apple влегува во нова фаза: чиповите за iPhone можеби ќе се пакуваат во Индија

Стратегијата на Apple за диверзификација на синџирот на снабдување влегува во нова, критична фаза. Според ексклузивен извештај на порталот „9to5Mac“, технолошкиот гигант со седиште во Купертино започнал прелиминарни разговори со индиската компанија „CG Semi“ за склопување и тестирање на чипови за идните модели на iPhone.

Ова би претставувало историски момент за индиската технолошка индустрија, бидејќи за прв пат „Епл“ би доверил толку чувствителен дел од производствениот процес на компанија лоцирана во Индија.

Иако разговорите се во рана фаза, извори блиски до преговорите сугерираат дека фокусот во моментов е ставен на „IC“ драјверите за дисплеи (DDIC). Овие клучни, но често занемарени компоненти во моментов главно се произведуваат во Јужна Кореја, Тајван и Кина. Со префрлањето на нивното „пакување“, последната фаза од производството, во која чипот се става во заштитно куќиште и се подготвува за вградување, во Индија, Apple дополнително би го заштитил својот синџир на снабдување од геополитички превирања.

Која е компанијата „CG Semi“?

Иако за многумина е ново име, „CG Semi“ е заедничко вложување меѓу индискиот конгломерат „CG Power“ и тајванската компанија „Renesas Electronics“. Компанијата во моментов гради голем OSAT-објект (аутсорсинг за склопување и тестирање на полупроводници) во градот Сананд, со инвестиција вредна околу 900 милиони долари. Токму оваа фабрика би можела да стане нов дом за дел од чиповите на „Apple“.

Индија како нов Тајван?

Оваа вест доаѓа во истата недела кога „Intel“ објави стратешко партнерство со „Tata Electronics“, уште еден индиски индустриски гигант, за слични услуги за пакување на чипови. Јасно е дека Индија, потпомогната од силни владини субвенции преку програмата „Indian Semiconductor Mission“, агресивно ја следи својата цел да стане глобален центар за производство на полупроводници.

За „Apple“, ова не е само економско прашање, туку и стратешка неопходност. Со оглед на тоа што производството на „iPhone“ веќе е воспоставено во Индија преку „Foxconn“ и „Tata Electronics“, локализирањето на производството на самите компоненти претставува логичен следен чекор кон создавање поодржлив и поавтономен екосистем надвор од Кина.

Сепак, аналитичарите предупредуваат дека „CG Semi“ ја очекува „долга и тешка битка“. „Apple“ е познат по своите исклучително високи стандарди за квалитет, а многу добавувачи се откажале уште пред да добијат зелено светло за соработка. Дали индиските инженери ќе успеат да ги задоволат перфекционистичките барања од Калифорнија, останува да се види во наредните месеци.