Дизајнот на пакувањето помага да се продаде производот

56

4

Македонската асоцијација на преработувачи (МАП) презентираше модел на соработка меѓу компании од прехранбено – преработувачката индустрија пред дизајн студија и фриленсер дизајнерите од Македонија. Оваа година, aсоцијацијата планира да ја унапреди ваквата соработка преку нудење специфични дизајн услуги согласно потребите на компаниите членки и оние кои не се членки на Асоцијацијата, стои во соопштението.

“Македонските компании произведуваат квалитетни производи, но сѐ уште постои голема можност за напредок при процесот на дизајнирање на пакувањето“, вели Сашо Ристески, генерален секретар на Македонската асоцијација на преработувачи.

Минатата година, со помош на швајцарската Програма за зголемување на пазарната вработливост, Македонската асоцијација на преработувачи објави отворен конкурс на кој ги повикаа дизајнерите да аплицираат за соработка со компании членки на Асоцијацијата.

“Добивме 102 апликации, кои потоа ги разгледавме со заинтересираните компании и на крај, помогнавме да се оствари соработка која резултираше со редизајнирање на 35 производи, но и презентација на комплетно нови линии на производи на преработувачките компании кои беа инволвирани во процесот“, нагласи Ристески.

Според Димитар Проданов од дизајн студиото Омни Креатив, преку унапредување на соработката меѓу преработувачките компании и дизајн секторот ќе се зголеми конкурентноста на македонските производи на домашниот и на странските пазари.

“Минатата година се пријавивме на повикот на Македонската асоцијација на преработувачи и швајцарската Програма за зголемување на пазарната вработливост и остваривме соработка со компанијата Вори од Гевгелија за дизајнирање на линија на 10 производи. Дизајниравме пакување со кое производите се истакнуваат на полиците во продавниците и кое помогна Вори да добие златен медал на Продекспо саемот во Москва во категоријата Најдобар производ. Преку оваа соработка успеавме да докажеме дека дизајнот е клучен елемент во производството на еден финален производ“, вели Проданов.

Оваа година, Македонската асоцијација на преработувачи планира овој модел на соработка да го понуди на сите свои членки, но и на други индустрии како дополнителна услуга која ќе го направи македонското производство поконкурентно на домашниот и странските пазари. Оваа активност е поддржана од Програмата за зголемување на пазарната вработливост на (Increasing Market Employability – IME) на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) имплементирана од  Swisscontact, во соработка со локалниот партнер ПРЕДА Плус.