До јуни нови плажи во Дојран

23

До јуни годинава Дојран ќе добие нови плажи и рекреативна патека, со што ќе се зголеми туристичката понуда, најави денеска министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески при посететата на локацијата каде се во тек градежни активности за изградба на рекреативна патека во Дојран.
“Ова е втор дел од рекреативната патека во Дојран и со неа целосно ќе се поврзат Стар и Нов Дојран. Ова поврзување е еден од главните проекти на градоначалникот, но и барање на граѓаните на Дојран. Со ова уште повеќе ќе се збогати туристичката понуда. Очекуваме согласно договорот некаде на почекот на јуни целосно да биде завршена рекреативната патека. За првите 600 метри плажи веќе е склучен договор за изведување на работите и за надзор. Согласно договорот на 17 март оваа година треба да започнат градежните работи. Се работи за целосно уредување на 500 метри плажи во централното градско подрачје и 100 метри во месноста Карач. Исто така, согласно договорот, очекувам во јуни целосно да заврши уредувањето на овие плажи што значи приклучување водовод, канализација, шанкови, тоалети, попесочување… односно сосема нови плажи во Дојран”, рече Јанакиески.
Според градоначалникот на општина Дојран Борче Стамов, жителите на Дојран и туристите ќе добијат една од најубавите патеки за рекреација.
“Градежните работи се одвиваат во полн ек во Дојран. Се работи на градење на рекреативната пешачка патека и освен туристичкиот опсег, ова е и остварување на една дамнешна желба на жителите на Дојран за поврзување на двата Дојрана. Со тоа Дојран ќе добие една убава патека која заедно со постојната ќе биде во должина од речиси 6 километри. Ќе имаме една од најубавите патеки за рекреација”, изјави градоначалникот Стамов.