До вчера извезени 38.000 јагниња

22

На македонскиот пазар се продава квалитетно млеко, особено од домашно производство. Моментно постои дисбаланс меѓу понудата и побарувачката на свежо свинско месо, а извозот на јагнешко бележи благ пораст. Ова се заклучоците од денешниот работен состанок на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски и директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Дејан Рунтевски. Како што информираа по средбата, досегашните испитувања на млекото не покажале ниту еден позитивен резултат на патогени или каква било неисправност, поради што бројот на мостри за анализа е намален, наместо еднаш неделно како досега, ќе се земаат еднаш во две недели.
“По аферата во Србија и регионот за афлатоксините, ситуацијата е под контрола. Секоја пратка млеко што доаѓа од овие подрачја се проверува и не се пушта во промет додека не се добијат задоволителни резултати”, изјави директорот Рунтевски.
Решение има, нагласи, и за свинското месо. Преработувачите, според проценките, ќе треба да откупат 180 до 200 тони, но за тоа ќе се разговара утре, на веќе закажаната средба.
“Извозот на јагнешко, согласно евидентираниот број договори, е сосема солиден и нешто поголем од лани. Агенцијата за храна ќе ги направи сите напори за олеснет извоз, без какви било проблеми иако конкуренцијата на регионалниот пазар е изострена, посебно од Романија и Бугарија. Со оглед на нашите традиционални врски со Грција, Хрватска, Италија, сметаме дека ќе има поголема динамика на пласманот на македонско јагне”, истакна министерот Димовски.
Како што додаде Рунтевски, шпицот наближува и се очекува за велигденските празници.
“До вчера се извезени 38.000 јагниња што е мало зголемување во однос на истиот период лани. Ја пратиме ситуацијата на терен, ги преземаме сите активности во наша надлежност за да го олесниме извозот, очекуваме интензивирање во претстојниот период”, рече директорот на Агенцијата.