Добитници и губитници на берза во август

154

Акциите со најголем пораст на официјалниот пазар на Македонска берза, во текот на август, беа оние на: Сковин (300%), Арцелормиттал Скопје (ХРМ) (25%), РЖ Услуги (9,22%), ЗК Пелагонија Битола (5,73%) и Тетекс од Тетово (4,98%), покажува Месечниот билтен на берзата.

Од друга страна, најголем пад забележаа акциите на: Мода Свети Николе (-33,77%), Жито Лукс (-14,36%), Македонијатурист (-9,09%), Хотели Метропол (-6,25%) и Либерти (-5%).

Кога се работи за добитници и губитници меѓу компаниите чии акции се дел од берзанскиот индекс МБИ 10, тогаш во плус завршија: Стопанска банка (2,69%), Гранит (1,35%), Македонски Телеком (0,32%) и Комерцијална Банка (0,15%). Од другата страна се најдоа: ТТК Банка (1,54%), Стопанска банка Битола (1,92%), Алкалоид (2,48%), НЛБ Банка (2,59%), Макпетрол (4,85%) и Македонијатурист (9,09%).

На официјалниот пазар, во текот на минатиот месец, најтргувани беа акциите на: Комерцијална банка (34,25% удел во вкупниот промет), Алкалоид (23,44%), Макпетрол (10,48%), НЛБ Банка (10,34%) и Гранит (6,86%).

Пазарната капитализација во август се позиционираше на 174.429.481.007 денари или 0,48% помалку во споредба со еден месец претходно. Пад од 14,67% има кај вкупниот промет, којшто во август изнесуваше 326.537.141 денари. Во структурата на прометот, најголем удел има официјалниот пазар со 61,61%, па блок трансакциите со 37,59% и редовниот пазар со скромни 0,8%.

Кај вкупниот број на трансакции (865) има намалување на месечна основа од 34,42%. Индексот МБИ10 заврши со 4.207,36 поени или 1,92% помалку во однос на јули.