Добивка од 15,4 милиони денари за Витаминка од Прилеп за девет месеци

45

vitaminka-prilep

Прехранбената компанија Витаминка од Прилеп работеше со добивка од 15.406.000 денари, во периодот 01.01 – 30.09.2017 година, покажува билансот на успех објавен на Македонска берза.

Истиот период претходната година, компанијата прикажа добивка од 37.751.000 денари.

“Најголемо влијание на намалување на позитивниот финансиски резултат има падот на приходите од продажба, негативното салдо од промените во залихите на почетокот и крајот на периодот и зголемената амортизација“, стои во Образложението за остварените резултати.

На крајот на септември оваа година, компанијата оствари вкупни приходи од продажба во висина од 1.200.933.000 денари. Од тој износ, на домашен пазар отпаѓаат 639.498.000 денари, додека остатокот од 561.435.000 денари е реализиран на пазари во странство.

Витаминка се занимава со производство на: производи за ужина, чоколадни производи, слатки, бонбони, пудинзи, сладоледи во прав, шлаг-крем, пастеризирани производи, кечап и мајонез, супи и сосови и други додатоци за храна. Исто така, нивната понуда вклучува и инстант производи, сирупи и филтер чаеви.