Добивка од 2,8 милијарди денари за 10 банки и една брокерска куќа

47

Сите 10 банки и една брокерска куќа, кои објавиле полугодишни финансиски извештаи на пазарот на капитал, за периодот 01.01.-30.06.2020 година, оствариле нето добивка, додека истиот период минатата година, осум банки и една брокерска куќа оствариле нето добивка, а две банки првото полугодие од 2019 година го завршиле со нето загуба, покажува извештајот за финансиските перформанси на акционерските друштва за период од први јануари до 30-ти септември на Комисијата за хартии од вредност.

Вкупниот износ на остварените нето добивки на банките и на брокерската куќа за периодот 01.01.-30.06.2020 година изнесува 2.870.447.000 денари и истиот е за 12,92% помал од вкупниот износ на остварените нето добивки за периодот 01.01.-30.06.2019 година кога бил 3.296.290.000 денари.

Банките и брокерската куќа кои објавиле полугодишни неревидирани финансиски извештаи, во првото полугодие од годината (01.01.-30.06.2020 година) реализирале приходи од камати во вкупен износ од 7.494.561.000 денари, што е намалување за 2,14% во однос на вкупно остварените приходи од камати за истиот период минатата година, кога изнесувале 7.658.823.000 денари.

Расходите за камати бележат намалување за 14,48%, односно расходите за камати во вкупен износ за периодот 01-01.-30.06.2020 година изнесувале 1.239.553.000 денари, додека за истиот период минатата година биле 1.449.367.000 денари. Нето приходите од камати се зголемени за 0,73%, односно од 6.209.456.000 денари за првото полугодие од 2019 година пораснале на 6.255.008.000 денари за првото полугодие од 2020 година.

Нето приходите од провизии и од надоместоци за периодот 01.01.-30.06.2020 година бележат намалување за 6,52%, од 1.893.791.000 денари во првото полугодие од 2019 година на 1.770.239.000 денари во првото полугодие од 2020 година, што се должи пред сè на порастот на расходите за провизии и за надоместоци кои во вкупен износ за периодот 01.01-30.06.2020 година изнесувале 1.029.719.000 денари и биле поголеми за 4,72% во однос на расходите за провизии и за надоместоци кои во вкупен износ во првото полугодие од 2019 година изнесувале 983.352.000 денари. Приходите од провизии и од надоместоци во првото полугодие од 2020 година се во вкупен износ од 2.799.958.000 денари и истите се за 2,68% помали од приходите од провизии и од надоместоци за првото полугодие од 2019 година, кога изнесувале 2.877.143.000 денари.

Намалувањето на приходите на банките, како и на остварениот финансиски резултат во првото полугодие од годината се должи на состојбата во економијата како последица на пандемијата со Ковид-19. Негативните последици од пандемијата кои се покажаа во реалниот сектор, се прелеваат и на банкарскиот сектор, кој регистрира намалување на редовните приходи од камати и од провизии и од надоместоци.

Вкупната актива на банките и на брокерската куќа кои имаат објавено полугодишни финансиски извештаи, на 30.06.2020 година изнесува 443.225.725.000 денари и истата е за 2,31% поголема во споредба со вкупната актива на 31.12.2019 година кога била 433.206.476.000 денари. Вкупните обврски бележат пораст за 2,11%, така што од 379.240.860.000 денари на 31.12.2019 година се зголемиле на 387.241.669.000 денари на 30.06.2020 година. И капиталот бележи пораст од 3,74%, така што од 53.965.616.000 денари на 31.12.2019 година се зголемил на 55.984.056.000 денари на 30.06.2020 година.

Фото: Pexels