Добивка од 251.000 денари за Макстил во 2015 година

18

makstil

Металуршката компанија Макстил 2015 година ја заокружува со вкупна сеопфатна добивка во висина од 251.000 денари, покажува неконсолидираниот биланс на успех објавен на Македонска берза.

На крајот на 2014 година, Мастил прикажа добивка од 1.128.000 денари.

“Бруто добивката во извештајниот период е речиси преполовена, а конечниот резултат по оданочувањето е само 250.594 денари и тоа првенствено заради повремените финансиски интервенции на акционерите за покривање на зголемените трошоци од работењето“, се вели во соопштението објавено на Македонска берза.

Вкупните приходи од продажба на Макстил во 2015 година беа на ниво од 3.632.151.000 денари, од кои на домашен пазар се реализирани 852.595.000 денари, додека поголемиот дел од 2.779.556 денари е остварен на странски пазари.

“Сликата за работењето во деловната 2015 не се разликува многу од претходната година. Таа е уште една во низа (крајно неповолните прилики се одржуваат речиси деветта година по ред) последователни извештајни периоди во кои влијанието на светските прилики на пазарот на челични производи има крајно неповолни рефлексии врз динамиката на производството, продажните цени и остварените резултати од работењето. Почна со глобалната светска криза, на која се надоврзаа проблемите со јавните финансии во Европа, па ембаргото кон Русија и најново падот на економската активност на Кинеската економија. Вакви драматични нарушувања на пазарните прилики резултираат со дисконтинуирано производство со сите последици врз трошоците на работењето (особено фиксните) заради намалената побарувачка и падот на продажните цени. Тука се и редица специфични проблеми од системска природа како забраната за увоз на старо железо од странство, цените на енергентите и транспортот и сл. како и дополнителните трошоци поврзани со инсталираниот систем за заштита од емисиите од електролачната печка“, се вели во соопштението.

Реализацијата  во количински показатели е 165.593,8 тони и е помала од остварената во 2014 (196.073,3 тони.) за 15,6%, додека во вредносни показатели приходите од продажби како носечки во структурата на вкупните приходи се помали за 18,3% заради структурата на испораките и помалото учество на сопствените продажби во споредба со преработките.