Добивка од 37,3 милиони денари за Тиквеш во 2015 година

18

tikves

Винарската визба Тиквеш во текот на 2015 година успеа да оствари добивка во висина од 37.364.000 денари, покажува неконсолидираниот биланс на успех, објавен на Македонска берза.

Претходната 2014 година за винарската визба заврши со вкупна сеопфатна добивка во висина од 39.211.000 денари.

Вкупните приходи од продажба во 2015 година беа на ниво од 1.194.273.000 денари, од коишто на домашен пазар се реализирани 702.4999.000 денари, додека остатокот од 491.774.000 денари се остварени на пазарите во странство.

“Вкупните приходи забележаа раст од 11%, односно зголемување за 115 милиони денари. Растот се должи на зголемените приходи генерирани од домашниот пазар (за 8%) и од странските пазари (за 14%). Иако растот на вкупните приходи е значителен, бруто добивката бележи пад од 3% што се должи на зголемените откупни трошоци за основната суровина – грозје“, се вели во Образложението кон постигнатите резултати за период од први јануари до 31-ви декември 2015 година, објавено на Македонска берза.

Од компанијата планираат бруто приходите во 2016 година да достигнат износ од 1.292.000.000 денари, што претставува зголемување од 9% во споредба со 2015 година.

“Во вкупната реализација во обем, домашниот пазар планирано е да учествува со 48%, додека извозните пазари со 52%. Нето добивката пред оданочување за 2016 година се проценува со зголемување од 5% во споредба со претходната година“, стои подолу во Образложението.