Добра и лоша храна – зелени и црвени етикети на амбалажата на производите

27

izbor hrana market

Француската министерка на здравје, Марисол Турен, се заложи за воведување етикетирање на амбалажата на прехранбените артикли што на потрошувачите ќе им даде јасна и едноставна информација за хранливите вредности на производите.

Инспирирана од студијата на нутриционистот Серж Ерсберг, Турен сака потрошувачите на едноставен начин да добијат информации за тоа дали станува збор за производ од здрава храна или кој содржи масти и шеќери, како и тоа да можат да се споредат различни марки на производи, пренесуваат француските медиуми.

Таа нагласува дека актуелниот начин на истакнување на содржината на производите не овозможува едноставна споредба и со самото тоа го отежнува изборот.

Доктор Ерсберг во својата студија предлага воведување на код во две различни бои, зелен и црвен, на пример, што ќе биде втиснат на предната страна на амбалажата. Зелен код ќе добијат производите со подобри нутритивни вредности. На тој начин дополнително ќе се охрабрат производителите кои вложуваат поголеми напори да произведуваат храна без состојки што се штетни по здравјето на луѓето, односно со помалку адитиви, маснотии и шеќери.

Ерсберг го наведува примерот со Велика Британија која пред повеќе од една година воведе ваков систем на етикетирање, со зелени и црвени ознаки на амбалажите, кои на потрошувачите им нудат јасни информации за хранливите вредност. Сувомеснатите производи со додатоци од зеленчук ја добија зелената бојата, како и чоколадите со житарки.

Овој систем на етикетирање на производите би требало да биде задолжителен за сите производители на храна. Истовремено, француската национална асоцијација на индустриски производи стравува дека на тој начин некои производи ќе бидат дискриминирани и се против таквиот начин на обележување на производите. Во Велика Британија ова зелено – црвено етикетирање е на доброволна база и не се применува кај сите производители на храна.