Добрите економски податоци ги поттикнаа инвеститорите од Волстрит

31

На Волстрит цените на акциите пораснаа, најмногу од технолошките гиганти, а доброто расположение на пазарот е благодарение на економските податоци кои ги ублажија стравувањата на инвеститорите од рецесија.

Dow Jones зајакна за 431 поен или 1,34 отсто, на 32.654 поени, додека S&P 500 скокна за 2,02 отсто, на 4.088 поени, а индексот Nasdaq 2,76 отсто, на 11.984 поени. Инвеститорите беа охрабрени од подобрите од очекуваните показатели од најголемата светска економија.

Прометот на трговијата на мало се зголеми за 0,9 отсто во април, додека растот на индустриското производство се забрза на 1,1 отсто во истиот месец, од 0,9 отсто еден месец претходно.

„Новите податоци укажуваат на економски раст“

Ова ги отфрли стравувањата дека агресивниот пораст на каматните стапки на централната банка на САД би можел да ја втурне економијата во рецесија бидејќи бруто домашниот производ опаѓа  во првиот квартал.

„По некои лоши податоци, овие нови укажуваат на економски раст на почетокот на вториот квартал, а не на рецесија“, вели Бил Адамс, економист во Comerica Bank. Како резултат на тоа, вчера цените на акциите пораснаа во 10 од 11-те најважни сектори на индексот S&P 500.

Порастот на индексот S&P 500 и Nasdaq најмногу се должи на скокот на цените на акциите на технолошките гиганти како Microsoft, Apple, Tesla и Amazon, меѓу 2 и 5 отсто. Пазарот се обидува да закрепне во последните денови, откако беше под притисок со недели, поради што S&P 500 падна на најниско ниво од март минатата година.

И на европските берзи цените на акциите вчера пораснаа. Лондонски FTSE индекс зајакна 0,72 отсто, на 7.518 поени, додека франкфуртски DAX скокна за 1,59 отсто, на 14.185 поени, а париски CAC 1,30 отсто, на 6.430 поени.