Добрите земјоделски практики ќе го намалат влијанието на климатските промени

29

Македонија не е исклучена од влијанието и последиците од климатските промени и е една од земјите кои се сметаат за најзагрозени според проектот на Светската банка, каде спаѓаат и Албанија, Молдавија, Узбекистан и Таџикистан, изјави денеска министерот за земјодество, шумарство и водостопанство (МЗШВ), Љупчо Димовски, при посетата на Новаци.
Димовски потенцираше дека по направените анализи по региони за состојбите на земјоделските култури констатирано е дека климатските промени влијаат најмногу на пченицата од Пелагонискиот регион.
“Проблемот е во тоа што во изминатиов период има многу малку врнежи што директно влијае на квалитетот и интензитетот на пченицата. Потребно е да почнат да се применуваат уредбите кои се предвидени за 2014 година, за поголемите системи ќе има обврзувачко работење во обработката на земјоделските површини, а за индивидуалните земјоделци во оваа фаза нема да има посебни обврски”, рече министерот.
Димовски потврди дека во следните 7 години МЗШВ има предвидено финансиски средства кои се повеќе од 18 милиони евра на годишно ниво кои ќе бидат инвестирани во водоснабдиелните системи.
“Станува збор за 96.000 хектари кои ќе бидат под систем за наводнување и 90.000 хектари кои што ќе бидат во системот за одводнување, кој посебно е потребен за Пелагонискиот регион. За жал, имавме несреќа, претходно да се спроведува еден проект кој се покажа како неуспешен, односно гаснењето, ликвидацијата или укинувањето на водостопанските претпријатија и повторно формирање на водостопански претпријатија, еден гломазен систем оптоварен со многу водни заедници кои не беа во функција и не можеа да ги задоволат своите и потребите на земјоделците”, рече Димовски.
Димовски најави дека ќе се направи комплетна рехабилитација на системот, негова реконструкција и враќање на нивото од пред 20 години кога, како што рече, каков таков функционираше, а потоа да се изврши негово проширување.
“Ќе одиме и на затворање на отворените системи затоа што сакаме да имаме економичност во распределбата и во трошењето на водата при водоснабдување, енергетска ефикасност односно да ги исклучиме загубите на вода, воведување нов систем каков што е со високоразвиените земји и изградба на мали, мини хидро акумулации на места каде што е многу потребно, каков што е примерот на прилепскиот дел на Пелагонија”, додаде министерот.
Во соработка со турското МЗШВ и организацијата ТИКА, рече дека се подготвуваат 10 проекти, донации од Турција во кои е предвиден и Пелагонискиот регион, а во функција на подобрување на водоснабдителните системи.
“Ќе вршиме рехабилитација, заокружување на системот, негово надградување и изградба на микро акумулации кои што ќе ги задоволат потребите на земјоделците. Истовремено ќе извршиме стопроцентно ставање во функција на хидросистемот Стрежево, бидејќи тој сега не работи со висок процент во задоволувањето на потребите на земјоделците. Предвидени се средства за негова модернизација и сметаме дека за релативно прифатлив период од година, две, ќе можеме да сметаме на негова поголема ефикасност”, објасни Димовски.