Доцнење

35

docnenje-pexels

Фото: Pexels

Доцнењето е многу лоша навика. Тоа е навика која ве карактеризира и приватно и службено. Карактерна особина којашто не се менува лесно, само затоа што дополнително и околината ве карактеризира како личност која доцни.

Изговорите за доцнење се безбројни, но сите тие паѓаат во вода затоа што со доцнењето вие:

  • Не го почитувате тој/таа со кој сте договорени
  • Не го почитувате времето на другите
  • Го уништувате првиот впечаток за себе
  • Оддавате впечаток на личност со лоши навики и активности (неорганизирана, неодговорна, ненавремена, нелојална и други лоши навики)

Знам дека сме сите свесни за сето ова напишано погоре, но прашањето секогаш е: што правите во врска со тоа? Најчесто, сè се сведува на наоѓање на разноразни изговори со кои само се ставате во дополнително потешка ситуација. Се доведувате во ситуација да лажете, да измислувате непотребни изговори, а тоа е дополнителен напор за да добиете втора шанса итн. Но, ајде наместо да наоѓаме изговори, да почнеме да работиме на тоа како да не доцните.

  • Прифатете веќе еднаш дека доцнењето не е убава навика – со признавањето пред себе си, го започнувате процесот на промени што треба да се случат кај вас, но и можноста за корекција.
  • Причини за доцнење – пробајте да увидите зошто најчесто доцните. Најдете ги причините кои ве „тераат“, речиси секој ден да доцните. Запишете ги една по една.
  • План за акција – направете план како ќе ги отстраните причините една по една. Почнете од отстранувањето на причините што можете да ги отстраните најлесно. Почнете пополека да го навикнувате организмот и мозокот дека не треба веќе да доцнат!
  • Порано – почнете да се трудите да доаѓате порано на договореното место. Доаѓајте и ако треба и по 5-10 минути порано. Сепак, ќе биде потребно долго време изгубената доверба да ја вратите назад.
  • Организација на животот – ако сте човек со повеќе обврски, во текот на денот, почнете да правите нивна приоретизација. Нели знаете дека не можете да сработите повеќе од 7 работи во текот на 24 часа (овде се мисли на квалитетно сработување).
  • Време – времето за некои луѓе нема значење, но сепак, времето е тоа според кое се ориентираме и се прилагодуваме. Бидејќи на сите нас времето ни е некоја рамка во која се движиме, почнете да го почитувате. За таа цел, имајте контакт со саатот во секој период, со тоа што или ќе носите редовно часовник или часовникот на техничките апарати, околу вас, ќе ви бидат подостапни.
  • Закажување – бидете подобро организирани кога закажувате состаноци или средби. Немојте да ги врзувате еден по друг, а притоа да не земете предвид и други фактори: оддалеченост, метеж во сообраќај, превоз и друго, и на сето тоа додадете уште неколку минути за непредвидени работи.

Има многу работи што треба да ги направите, но најважно од сè е да увидите зошто доцните, да ги најдете нивните фактори и да почнете да работите. Ќе ви биде потребно големо трпение за да се промените и само немојте да се оправдувате со другите кои доцнат. Немојте да бидете како другите доцначи. Доаѓањето на време е во тренд!

Со успех во промените.