Додека светот се бори со инфлацијата, во една земја цените паѓаат

109

Кина потона во дефлација во јули, откако беше објавено дека потрошувачките цени паднаа за прв пат од февруари 2021 година, а цените на производителите продолжија да паѓаат десетти месец по ред, додека втората по големина економија во светот се обидува да ја заживее домашната побарувачка.

Индексот на потрошувачките цени за јули падна за 0,3 отсто на годишна основа, објави во средата Националното биро за статистика (НБС), што е нешто побавно опаѓање од прогнозираните 0,4 отсто.

Ова го означи првиот годишен пад на потрошувачките цени од февруари 2021 година, објави Poslovni.hr.

Индексот на цените на производителите, пак, падна 10-ти месец по ред, за 4,4 отсто во однос на претходната година, по падот од 5,4 отсто во претходниот месец. Прогнозите укажуваат на пад од 4,1 отсто.

Економското закрепнување на Кина забави по силниот раст во првиот квартал, бидејќи побарувачката дома и во странство ослабе. Надлежните воведоа низа мерки за поддршка на стопанството, а се очекуваат дополнителни чекори.

– И потрошувачките и производствените цени паднаа на годишна основа и потврдија дефлација во економијата – изјави висок стратег во ANZ Хинг Заопенг.

Тие лоши показатели доаѓаат во услови на растечки стравувања дека Кина влегува во ера на многу побавен економски раст сличен на јапонските „изгубени децении“, во кои потрошувачките цени и платите стагнираа цела генерација.

Слабеењето на цените во Кина е во остар контраст со парализирачката инфлација што ја доживуваат другите големи економии во светот, што ги принуди централните банки брзо да ги зголемат каматните стапки.

Сепак, постојат знаци дека глобалната инфлација може да достигне врв.