Доделена првата транша евтини кредити од 50 милиони евра

43

Доделена е првата транша од евтините кредити од 50 милиони евра од Развојна банка на Северна Македонија АД пласирани преку комерцијалните банки. Доделени се 25,6 милиони евра на 105 компании по каматна стапка од 1,6%, напиша министерката за финансии, Нина Ангеловска, на Facebook.

Оваа кредитна линија беше дел од вториот сет мерки на Владата. Средствата се обезбедени преку Европската инвестициона банка. Државата субвенционира дел од каматната стапка со цел кредитите да може да се понудат преку комерцијалните банки со каматна стапка до 1,6%.

Компаниите на кои им се одобрени евтините кредити се од:

  • Производство
  • Угостителство
  • Транспорт
  • Услуги
  • Трговија
  • Здравство

Заедно со Ковид 1 и Ковид 2 бескаматните кредитни линии на Развојната банка, во стопанството досега се вбризгани над 38 милиони евра за подобрување на ликвидноста во време на COVID-19 кризата. Со нив се поддржани: 1.436 претпријатија и 16.777 работни места.

Преку задржување на ликвидноста на стопанството, како што напиша Ангеловска, се осигурува неговото нормално функционирање и се поттикнува економската активност – фирмите можат да ги сервисираат своите редовни обврски, но и да преземаат инвестициски активности што е од големо значење за надминување на кризниот период.