Доделени 49 милиони денари на НВО и асоцијации за проекти за развој на туризмот во Македонија

19

Вкупно 49 милиони денари се распределени преку договори на 12 невладини организации и асоцијации, за спроведување на проекти со кои ќе се поттикне локалната и регионалната конкурентност во туризмот. Овие средства се доделени преку Проектот за локална и регионална конкурентност што се спроведува преку заедничка соработка на Владата на Република Македонија, Делегацијата на Европската Унија и канцеларијата на Светска банка, стои во соопштението.

Заменикот претседател на Владата на Република Македонија задолжен за економски прашања, Кочо Анѓушев, истакна дека вкупната вредност на Проектот изнесува 18 милиони евра, средства кои во најголема мера се обезбедени од ИПА фондовите, како и од буџетот на Република Македонија и од Светска Банка, а се доделија договори за еден од трите сегменти, наменети за невладини организации и асоцијации кои работат во туристичкиот сектор. Другите два сегменти кои се опфатени со Проектот за локална и регионална конкурентност се грантови за микро и мали претпријатија, а најголемиот дел од средствата се наменети за реализација инфраструктурни проекти за поттикнување на туризмот во определени општини.

“Набрзо се очекува потпишување на договори и за двете други компоненти. Јавните повици се завршени, поднесени се апликации, завршена е евалуацијата, очекуваме за скоро време да се комплетираат сите потребни административно – технички работи и да се пристапи кон потпишување на договори и за останатите средства. Преку грантовите кои се доделуваат на асоцијациите и невладините организации, очекуваме да се подобри туристичкиот пристап и понуда. Станува збор за интересни и диверзифицирани проекти, како што се рекреативното падобранство, летање со балони, скијање, јавање на коњи, со кои се покажува инвентивноста и креативноста на асоцијациите“, изјави Анѓушев.

Директорот на канцеларијата на Светска Банка за Македонија и Косово, Марко Мантованели, посочи дека туризмот во светски рамки е значителен економски сектор, кој учествува со 10% во глобалниот бруто домашен производ, застапеност со 7% во вредноста на меѓународната трговија и вкупно 30% од извезените услуги ширум светот.

“Со овој проект ќе се придонесе кон изградба на нова инфраструктура, зачувување на животната средина, ревитализација на локалитетите, ќе се поттикне конкурентската предност на различни дестинации, бидејќи не секоја локација може да привлече ист вид на туристи или квалитет на услуга“, рече Мантованели.

Претставникот на Делегацијата на Европската Унија во Скопје, Фрејк Јанмат нагласи дека преку овој проект се промовираат туристички дестинации коишто не се доволно познати за странските туристи.

“Задоволен сум што ЕУ може да помогне со финансиски средства за поддршка на туризмот, кој во изминатите години бележи раст од 6 до 7%, а со тоа го зголемува учеството во бруто домашниот производ“, рече Јанмат.

Директорката на Проектот за локална и регионална конкурентност, Антонија Шишак кажа дека јавниот повик беше распишан во март минатата година, на кој имаа можност да аплицираат широк спектар на корисници, вклучувајќи ги општините, јавните установи, регионалните плански центри, образовните установи, центрите за обука, невладините организации и микро и малите претпријатија.